Зачините имаат супермоќ затоа што покрај тоа што ѝ даваат вкус и друга димензија на храната, тие се полни со антиоксиданти корисни за функцијата на мозокот, намалување на воспалението и за метаболизмот. Зачините се неопходен дел од урамнотежената исхрана, бидејќи тие придонесуваат за здравјето, а клучно е да ги користите правилно и во одредени количества. Пет зачини се особено корисни за здравјето на мозокот, а тие се ѓумбир, кардамон, куркума, цимет и каранфилче.
Цимет
Циметот содржи моќни антиоксиданти, кои имаат корисен ефект врз здравјето на мозокот. Покрај тоа што некои го додаваат во кафе, добро оди и со каши, цедени сокови, житни снегулки и колачи.
Ѓумбир
Ѓумбирот е преполн со стотици фитохемикалии, вклучувајќи бета-каротен, капсаицин, кофеинска киселина, куркумин и салицилати, а има и заштитен ефект против стресот и падот на функцијата на мозокот. Може да се додаде во пијалаци, цедени сокови, маринади, колачи или да се пие чај од ѓумбир.
Кардамон
Кардамонот главно се користи во индиските и во блискоисточните кујни и е моќен антиоксиданс полн со витамини и минерали. Заштитува од оксидативен стрес, за кој е познато дека доведува до деменција, како и воспаление. Тој е идеален додаток на готвени јадења, супи и чорби.
Каранфилче
Каранфилчето е изненадувачки извор на хранливи материи за зајакнување на мозокот. Содржи манган и соединение наречено еугенол, кое се смета за пет пати поефикасно од витаминот Е. Може да се користи за зачинување десерти или јадења со свинско и мисиркино месо.
Куркума
Куркумата содржи куркумин, антиоксиданс одговорен за жолтата боја, кој е исто така познат како моќна алатка во борбата против Алцхајмеровата болест. Некои истражувања покажаа дека може да ја намали болката, како и да има позитивен ефект врз артритисот, варењето на храната и спречувањето карцином. Додадете ја во чорби, јадења со месо, во ориз или во цедени сокови.
Зачинетата храна има корисен ефект врз вашето тело на многу начини. Го штити срцето, го зголемува животниот век и го подобрува метаболизмот.