Иако сè уште е незамисливо да се работи само четири часа на ден, експертите сметаат дека тоа воопшто не е лоша идеја. Покрај тоа, тие велат дека во тој случај, луѓето би дале сѐ од себе на работното место за да имаат поквалитетен приватен живот. Исто така, на тој начин компаниите би заштедувале греење, електрична енергија и други работи што ги трошат за да им обезбедат услови за работа на своите вработени. Ретко кој човек може да биде целосно концентриран на работата повеќе од четири до пет часа на ден. Остатокот од работното време, вработениот е само делумно концентриран и работата се сведува на пополнување време, пишува „Кварц“.
Принудувањето на седење пред компјутер со часови не е лошо само за мозокот, туку и за целокупниот деловен систем во иднина. Вработениот нема да ја зголеми својата продуктивност со тоа што ќе седи подолго пред компјутер. Уште во 1932 година, филозофот Бертранд Расел се залагал за четиричасовно работно време.
Според експертите, станавме толку презаситени со работата што заборавивме да забавиме. Најчесто слушаме и повторуваме како мантра: дека немаме време, а најчесто времето го трошиме непродуктивно.
Придобивките од работата со скратено работно време се повеќекратни – помалку боледувања, пониски трошоци за компанијата и подобра интеграција на приватниот и деловниот живот и, на крајот, најважно, задоволен и здрав вработен. Задоволниот вработен пак ќе биде покреативен и попродуктивен и повеќе посветен на компанијата за која работи. Ваквото работно време би значело и повеќе нови работни места.