Тел Авив (Израел) е рангиран како најскапиот град за живеење во светот благодарение на брзиот пораст на инфлацијата, што ги зголеми цените на цела палета стоки и услуги низ светот поради пандемијата на коронавирусот.
Израелскиот град се искачи за пет места во изминатите 12 месеци, за да им ја одземе непосакуваната титула на минатогодишните заеднички победници Париз, Хонгконг и Цирих, според авторитативниот систем за рангирање составен од „Економист интелиџенс јунит“ (ЕИЈ).
Париз денес е на второто место заедно со Сингапур, додека Цирих и Хонгконг го сочинуваат остатокот од првите пет. Њујорк е шести, Женева седма, а Копенхаген, Лос Анџелес и Осака ја заокружуваат топ 10 листата, пренесува „Гардијан“.
Лондон се искачи за три места и сега е 17-ти на годишното рангирање, а Сиднеј е 14-ти, додека Мелбурн 16-ти.
Напредокот на Тел Авив на табелата делумно се должи на јачината на националната валута, шекелот, во однос на доларот, како и на зголемените цени на транспортот и храната. Беше втор најскап град во однос на алкохолот и превозот, а петти по лична нега и шести по рекреација. Високо се рангираше во сите 10 главни сопствени категории на потрошувачка на ЕИЈ.
Дислокацијата на глобалната економија, која закрепнува од влијанието на карантините предизвикани од годинашната пандемија, одигра голема улога во менувањето на скалата. Зголемувањето на цената на бензините за 46 отсто придонесе инфлацијата во САД во октомври да скокне на 6,2 отсто.
Цените на енергијата и храната скокнаа во некои земји поради трговските ограничувања, недостигот од работна сила и постојаните тесни грла во синџирот на снабдување. Просечната цена на литар безоловен бензин порасна за 21 отсто, покажа истражувањето.
Податоците за 50.000 вида стоки и услуги во 173 града беа собрани во август и септември, бидејќи цените на транспортот и стоките пораснаа. Цените се зголемија во просек за 3,5 отсто во локална валута – највисока стапка на инфлација во последните пет години. Истражувањето ги вклучува трошоците за изнајмување, но не ги зема предвид цените на недвижностите.
Оваа година на листата се додадени 40 нови градови. Шкотскиот главен град Единбург се најде на 27-то место на исто ниво со градовите со високи трошоци како што се Окленд и Минеаполис. Во топ 50 влегоа уште два нови града – Штутгарт и Сан Диего.
Рим забележа најголем пад бидејќи падна за 16 места на 48-то, со особено остар пад на цените на храната и облеката. Бангкок и Лима исто така имаа значителен пад во сите категории.
Техеран беше најголемиот „качувач“ откако скокна за 50 места, на 29-то место, благодарение на континуираните ограничувања во снабдувањето, недостигот од стоки и зголемените увозни цени по повторното воведување на американските санкции.
Дамаск е рангиран како најевтин град во светот за живеење, а потоа следуваат Триполи во Либија и Ташкент, главниот град на Узбекистан.
Просечната инфлација не вклучува четири града со исклучително високи стапки: Каракас, Дамаск, Буенос Аирес и Техеран.