Експертите сметаат дека печурките (и сите габични форми) би биле способни да растат и да се развиваат по нуклеарна војна, затоа што би се хранеле со милиони и милиони мртви дрвја. На тој начин би имало и повеќе од доволно храна за гладните преживеани луѓе. Во својата студија, Денкенбергер проценува дека печурките би можеле дури три години да ги прехрануваат луѓето по катастрофата
Според голем број докажани експерти, можната нуклеарна војна, најверојатно, би завршила со глобален период на темнина и студ, кој би резултирал со појава на општ глад низ светот. Стотици милиони луѓе би биле директни жртви на ваквата катастрофа од светски размери, но еден истражувач смета дека неговата диета за судниот ден би можела да биде начин за спас на човештвото. Дејвид Денкенбергер, професор по машински и вселенски инженеринг на Универзитетот во Алјаска, е човекот што стои на чело на непрофитната Алијанса за исхрана на популацијата на земјата во состојби на катастрофи.
Во своето интервју за „Бизнис инсајдер“, тој истакна дека е можно луѓето да ги преживеат последиците од нуклеарна војна, се разбира, ако се подготвени да се водат според начелата на витална исхрана во услови на катастрофа. Некои претходни истражувања најавуваат дека кога би избила нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан, веднаш би умреле од 50 до 125 милиони луѓе, а преостанатите би се соочиле со нуклеарна зима, затоа што огромниот чад би го блокирал дотокот на сончева енергија. Во својот научноистражувачки труд, објаснувајќи ја својата теорија за опстанок, Денкенбергер пишува: „Работите водеа кон заклучок дека ако човештвото биде уништено, со светот повторно ќе управуваат печурките (габите). Си реков: чекај малку, зошто да не ги изедеме печурките и така да опстанеме?“.
Експертите сметаат дека печурките (и сите габични форми) би биле способни да растат и да се развиваат по нуклеарна војна, затоа што би се хранеле со милиони и милиони мртви дрвја. На тој начин би имало и повеќе од доволно храна за гладните преживеани луѓе. Во својата студија, Денкенбергер проценува дека печурките би можеле дури три години да ги прехрануваат луѓето по катастрофата.
– Морските алги се навистина квалитетен извор на храна во едно вакво сценарио, затоа што може да опстанат и покрај многу ниско ниво на светлина. Важно е и што тие многу брзо растат. Во нуклеарната зима што би настанала, земјата би се изладила многу побрзо од океанските води, така што океаните ќе останат подолго топли. Морските алги лесно може да се справат со релативно ниски температури – вели Денкенбергер, кој состави диететски план за дневна исхрана во износ од 2.100 калории, во кој се содржани сите намирници за кои тој смета дека се неопходни за една успешна диета за катастрофи. Тука влегуваат мешавини од месо, млеко, школки, јајца, шеќер, печурки, бактерии и глуварчиња. Исто така, тој предлага да се консумира чај направен од иглички на кедрово дрво, наречен арборвитае.
Денкенбергер има во план да проучува и други потенцијални извори на природна храна, кои би можеле да растат во близината на екваторот, каде што најбрзо би можела да се појави одредена сончева светлина во периодот по нуклеарната катастрофа. Според неговите процени, на светот годишно би му требале околу 1,6 милијарда тони сува храна, количество доволно да се прехранат сите среќници што би преживеале. Универзитетскиот професор верува дека луѓето би биле способни да го обработат ова количество алги во рок од три до шест месеци. В.Б.Н.