Француски научници ги користат мерките за изолација, воведени поради епидемијата на коронавирусот, за експеримент со кој би требало да се покаже како е да бидете заклучени во вселенско летало за време на мисија на Марс.
Во експериментот се вклучени 60 студенти, кои се затворени во своите соби во Тулуз, кои со оглед на тоа дека студентските соби се 12 квадратни метри, не е далеку од условите за време на долга вселенска мисија.
Кога француската влада воведе ограничувања во движењето за да го спречи ширењето на вирусот, научничката Стефани Лизи-Дестре одлучи да го извлече најдоброто од оваа ситуација и да собере волонтери од студентите.
Тоа не претставува прецизна симулација на лет во вселената: не се вклучени задачи како земање мостри од планетата со помош на лунарниот ровер, а учесниците можат да се одвојат од своето виртуелно вселенско патување и да излегуваат надвор секој ден, пренесува „Ројтерс“.
Наместо астронаутски задачи, тие извршуваат компјутерски задачи, како што се тестови за меморија и тестови за ментална агилност. Тие исто така водат дневник и на секои пет дена треба да пополнуваат прашалник.
Со овој експеримент, научниците се обидуваат да испитаат какви психолошки ефекти може да има изолацијата врз луѓето кога се наоѓаат во мал простор, обидувајќи се да ги разберат подобро пред да испратат астронаути на Марс.