Францускиот качувач во урбани средини Ален Робер е уапсен денеска во Манила откако се искачил на една од највисоките згради во главниот град на Филипините, соопшти полицијата.
Авантуристот стар 56 години, познат како „францускиот спајдермен“, се искачи на облакодерот „ЏТ тауер“ од 47 ката без безбедносна опрема додека од земја го посматраа запрепастените граѓани.
Овој слободен качувач е приведен кога го заврши потфатот по два часа, кога повторно се симна од врвот на зградата, пренесува АФП.
– Ова е мојот пат, ова е мојот начин на живот. Тоа ми е важно како храната и сонот. Потребно ми е. Ме одржува во живот – рече Робер.
Французинот е приведен под обвинение дека го нарушувал јавниот ред и мир и сега се чека одлуката на обвинителството за кауцијата.
Робер се има искачено на повеќе од 100 згради без помош на јажиња или некоја друга опрема, со што влезе во Гинисовата книга на рекорди.