Сондата „Солар орбитер“ на Европската вселенска агенција го фотографираше Сонцето на оддалеченост од околу 77 милиони километри. Станува збор за фотографии од Сонцето што се направени од најблиско растојание досега, пренесе „Би-би-си“.
Европската вселенска агенција (ЕСА) објави дека се снимени мини-одблесоци, наречени „камперски оган“. Тие претставуваат милионити дел од џиновските факли на Сонцето што можат да се видат со телескопите од земјата.
– Сè уште не е јасно дали овие минијатурни верзии функционираат според истите механизми – вели Дејвид Лонг, главен истражувач на сондата „Солар орбитер“.
Имено, ракета со сателит на ЕСА беше лансирана во февруари, а нејзината мисија е да ги открие тајните на динамичкото однесување на Сонцето.
Сончевите емисии не само што обезбедуваат светлина и топлина, туку имаат и многу позначаен ефект врз Земјата. Научниците истакнуваат дека наелектризираните честички во магнетното поле честопати ја нарушуваат работата на сателитите, електрониката и на радиокомуникацијата.