Овогодишниот избор за песна на „Евровизија“, иако претставуваше прослава во чест на европските музички таленти, исто така, беше многу исполитилизиран, што можеше да се забележи за време на финалната вечер кога Холандија го освои првото место, пренесува „Кварц“.
Настанот „Евровизија“ беше основан за да ги соедини европските држави по Втората светска војна и за да овозможи коегзистенција на една сцена на многу различни држави. Токму поради тоа, организаторите на „Евровизијата“ велат дека е апсолутно аполитичка.
Но и покрај тоа, речиси секоја година политиката има удел во изборот за песна на „Евровизија“. Во февруари, Украинката Ана Корсун се повлече од изборот откако националната телевизија ѝ кажала да не настапува во Русија. Во 2017 година, кога Украина беше домаќин на „Евровизија“, државата ѝ забрани на руската претставничка Јулија Самојлова да настапи, а како резултат на тоа Русија го бојкотираше изборот.
И покрај сите правила, започнувајќи од тоа кој е домаќин до тоа кој сѐ ќе настапува и што ќе пее, најчесто сѐ е исполитизирано на „Евровизија“. Па веројатно затоа и не изненадува фактот што и финалната вечер на „Евровизија“ во Израел не ја одбегна ваквата судбина.
За настапот на кралицата на поп-музиката Мадона, која се појави како гостинка на финалната вечер, во јавноста со денови кружеа гласини дека бил неочекувано политички настроен поради тоа што на крајот од нејзиниот настап, на видеобимот зад неа блеснале зборовите „Разбуди се!“. Згора, на сцената се појавија двајца танчари кои ги носеа знамињата на Израел и на Палестина на грбовите.
– Никогаш нема да престанам да ја изведувам својата музика за да угодам на нечива политичка агенда, ниту пак ќе престанам да зборувам против прекршувањата на човековите права без разлика на тоа каде во светот се случуваат – изјавила Мадона во врска со гласините дека се обидела да го бојкотира изборот.
Изведбата на Мадона, исто така предизвика бројни реакции меѓу љубителите на музиката кои имаа негативни критики за нејзиниот настап.
„Нула поени за САД“, „Моментот кога средновечен стоматолог што пее за Сан Марино ќе погоди повеќе точни ноти од Мадона“, гласат дел од коментарите на Твитер, а водителите од Холандија, сатирично се заблагодарија на „аутотјунот“ на Мадона, пред да ги соопштат гласовите од тамошната публика.