Вкупно 149 милиони деца заостануваат во физичкиот развој или се со понизок раст за својата возраст, 50 милиони деца се неисхранети или се преслаби за својата висина, 340 милиони страдаат од недостиг од основните витамини и хранливи материи како што се витамин А и железо, а 40 милиони деца се со прекумерна тежина
Алармантно голем број деца страдаат од сериозни последици поради лошата или нездрава исхрана, предупреди УНИЦЕФ во годинашниот светски извештај за децата. Во извештајот се наведува дека најмалку едно од три деца под 5-годишна возраст, или повеќе од 200 милиони деца низ светот, се или неухранети или со прекумерна тежина.
Скоро две од три деца на возраст од 6 месеци до 2 години не консумираат храна што поддржува оптимален раст и развој на нивниот мозок и тело.
Ваквата несоодветна исхрана може да предизвика лош развој на мозокот, тешкотии во учењето, намален имунитет, зголемен ризик од инфекции, а во многу случаи и смрт.
Извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор, посочува дека милиони деца се хранат нездраво, затоа што едноставно немаат подобар избор.
– Треба да го смениме начинот на кој ја разбираме и реагираме на неисхранетоста и квалитетот на исхраната кај децата. Важно е децата да јадат доволно, но треба да им се обезбеди здрава и квалитетна храна – вели Фор.
УНИЦЕФ предупредува на опасностите од нездравата исхрана: неухранетост, латентна глад предизвикана од недостиг од основни хранливи материи и прекумерна тежина кај деца под пет години.
Овие фактори предизвикуваат катастрофални резултати – 149 милиони деца заостануваат во физичкиот развој или се со понизок раст за својата возраст, 50 милиони деца се неухранети или се преслаби за својата висина, 340 милиони страдаат од недостиг од основните витамини и хранливи материи како што се витамин А и железо, а 40 милиони деца се со прекумерна тежина.
Во извештајот се предупредува дека лошата исхрана и нездравите навики во исхраната почнуваат уште од најраната возраст на детето.
Во светот, скоро 45 проценти од децата на возраст меѓу 6 месеци и 2 години не јадат овошје или зеленчук, а скоро 60 проценти не јадат јајца, млечни производи, риба или месо.
Како што растат, процентот на нездраво хранење кај децата станува алармантен.
Се покажало дека 42 проценти од адолесцентите што одат на училиште во земји со ниски и средни приходи консумираат газирани безалкохолни пијалаци барем еднаш дневно, а 46 проценти јадат брза храна барем еднаш неделно. Овие стапки одат до 62 проценти и 49 проценти за адолесцентите во земјите со високи приходи.