Презадоволна сум од она што го насликав изминатите години и сметам дека ја споделувам радоста со локалните жители чии цркви ги зографисувам, вели Панзова
Една од ретките, ако не и единствена припадничка на женскиот пол, што зографисува црковни храмови во земјава е Елеонора Панзова. Таа дипломирала на Ликовната академија во Скопје, отсек вајарство со конзервација и реставрација и досега ја има насликано внатрешноста на четири црковни храма низ земјава. Наскоро ќе ослика еден храм во Скопско, со нешто поголеми димензии. Кога започнала со оваа работа, жителите од селата чии храмови ги сликала, како да не можеле да поверуваат дека една жена може да ја заврши оваа тешка работа.
– Кога почнав со сликање на црковните храмови во селото Габреш и кога локалните жители забележаа дека нивниот храм ќе го слика жена, беа малку изненадени и со неверување, дека жена може да го сработи она што со векови традиционално го правеле припадниците на машкиот пол. Штом работите почнаа да течат и внатрешноста на црквите добиваше сосема нов лик, тие почнаа ме гледаат со други очи. Сфатија дека и жените можат да ја работат оваа работа и да бидат вклучени во една машка професија, каква што е зографисувањето – вели за своите почетоци Елеонора Панзова.
Таа смета дека сликањето во црковните храмови за неа е како и секоја друга работа, која самопрегорно и со голема љубов ја извршува, па дури исчезнал и стравот од работа на височина, во периоди кога ги сликала таваните на црковните храмови.
– Кога започнав со оваа работа, најтешка фаза ми беше работата на височина, кога требаше да ги насликам таваните на црквите и каде што се чувствував по малку непријатно. Но како што одминуваше времето, стравот почна да исчезнува и денес, кога работам на височина, често на скелето не ставам дури ни ограда, со која имам поголема безбедност при работата. Презадоволна сум од она што го насликав изминатите години и сметам дека ја споделувам радоста со локалните жители чии цркви ги зографисувам – додава Панзова.
Таа слика во нешто поизменет стил од типично византискиот и на внатрешноста на храмовите им дава поголема светлина, сликајќи со посвежи бои.
– Иако во црквите што ги сликам работам претежно во византиски стил, сепак тој на моите фрески и икони е нешто поинаков, бидејќи сликам со посветли бои, во согласност со нашите традиции, за да им дадам на храмовите што повеќе светлина – посочува уметницата.
Панзова досега има насликано две цркви во селото Габреш, и тоа „Покровна Богородица“ и „Света Петка“, потоа црквата во селото Довезенце, Кумановско, и „Свети Јован Крстител“ во селото Видрани, Кичевско. Наскоро ќе започне со зографисување на еден црковен храм во близината на Скопје. Таа, покрај сликањето во црковните храмови, може да се пофали и со изработени скулптури, некои со помали димензии, кои ги красат повеќето скопски музеи, а некои се изработени во рамките на проектот „Скопје 2014“.
Но оваа трудољубива и креативна млада жена поседува и други таленти. Покрај онаа од Ликовната академија, таа поседува диплома и од Факултетот за биотехнички науки во Битола.