Туристичкото летало на „Вирџин галактик“ е подготвено за првиот пробен лет. Ова ќе биде првиот лет со екипаж, кој ќе полета од наменски изградениот комерцијален космодром во сојузната американска држава Ново Мексико.
Компанијата на Сер Ричард Брансон ќе започне вселенски туризам во 2021 година, пренесуваат светските медиуми.
Повеќе од 600 луѓе веќе го платиле и си резервирале место,меѓу нив се Џастин Бибер и Леонардо ди Каприо.
Саботниот лет ќе биде првиот од трите последни пробни лета, пред да започнат комерцијалните летови.
За време на третата проба и Сер Ричард Бренсон ќе ја испроба услугата што ја ветуваше 16 години. Пред тоа, компанијата треба да помине низ неколку последни подготовки.
Мисијата во сабота ќе има само двајца пилоти, поранешниот астронаут на НАСА, Си Џеј Страку и главниот тест пилот на Галактик, Дејв Мекеј.
Тие ќе извршат проверки на сите операции со леталото и први ќе полетаат од вселенскиот космодром, центар изграден од владата на сојузната американска држава Ново Мексико специјално за комерцијални проекти.
На инженерите им требаше долго време да ја донесат технологијата на нивото што го посакуваа, а оваа година целиот процес се забави поради кризата предизвикана од ковид-19.
Вил Вајтхорн, претседателот на британската група за вселенска индустрија, гледа на овој пробен лет како на голема пресвртница.
– Ова ќе биде многу безбеден и ефтин систем. Развојот на технологијата е пионерски потфат и не беше лесен – рече тој за Би-би-си.
Фаталната несреќа во 2014 година доведе до истрага и редизајн на некои елементи на системот.
– Кога станува збор за вселената, вие не се тркате со никого. Вие се натпреварувате за да бидете безбедни – рече Вајтхорн.
Вселенското летало ќе служи и како место за обука на астронаутите.
– Како вселенскиот туризам и вселенската наука, овој вид обука ќе биде клучен за индустриската револуција што доаѓа во вселената – додаде тој.
Компанијата Вирџин Галактик неодамна откри како изгледа туристичка кабина. Патниците ќе седат на столици што се движат во одредени фази на летот, со цел да ги контролираат Г-силите.
Тие ќе имаат екрани пред нив за да гледаат податоци за летот и 12 големи прозорци. Според компанијата тие се дизајнирани така што патниците ќе можат да уживаат во погледот кога ќе се откопчат и слободно да летаат во кабината на крајот од летот.