Гордана Јанакиевска, туристичка работничка, по повод 13 Ноември
Да си скопјанец не е лична карта, биографска информација, место на раѓање, живеење, адреса… Да си скопјанец, тоа е комплимент. Ова е мотото на фејсбук-страницата „Скопје 3Д“ на Гордана Јанакиевска, позната македонска туристичка работничка, со стаж од половина век. Иако е во пензија, таа сѐ уште неуморно работи на промоција на нашиот главен град, но и на Македонија. Таа е авторка на книгата „Скопје и скопскиот регион“ на македонски и на англиски јазик, која излезе пред две години, а исто така е дел од повеќе проекти за Скопје и неговото претставување на меѓународен план.
– Скопје е град на Адам од Говрлево, на музеите што го откриваат минатото и што ни помагаат да ги разбереме сегашноста и луѓето што живееле и сега живеат во него. Тука секое камче раскажува некоја приказна – вели Јанакиевска и ни открива три помалку познати приказни за нашиот град.
Станко Караман ги основал Природонаучниот музеј и Зоолошката градина
Станко Караман (1889 – 1959 г.), природонаучник, е основач на Природонаучниот музеј и на Зоолошката градина во Скопје. По завршувањето на Природно-математичкиот факултет, група биологија во Загреб, оди на студиски престој во Неапол. Во 1922 година првпат ја посетува Македонија. По два престоја, одлучува да го напушти Загреб и дојде во Скопје, каде што е назначен за паразитолог во тогаш новоформираниот Завод за тропски болести во Скопје. Како страстен колекционер и проучувач на животинскиот свет во Македонија, Караман го основа Природонаучниот музеј, па Зоолошката градина, а нешто подоцна и скопскиот парк.
– Д-р Караман бил на чело на оваа институција сѐ до почетокот на Втората светска војна. Тој е единствениот научен работник, кој работи заедно со еден препаратор и едно техничко лице. Сам колекционирал материјали, ги обработувал или им ги праќал на обработка на познати и признаени стручњаци од цела Европа, со кои бил во постојана кореспонденција – објаснува Јанакиевска.
Според нејзините собрани факти, набргу по формирањето на музејот, д-р Караман се сели во зграда во Дебар Маало, а во 1934 година повторно го сели во Градскиот парк, во зградата на кафеаната „Кермес“.
Во 1957 година, по негово барање, д-р Станко Караман бил пензиониран. Но неговата активност продолжила сѐ додека болеста не го спречила да работи. Тој е еден од најголемите ихтиолози на Балканот и оставил зад себе над стотина научни трудови и колекционерски материјал, кој се чува во депоата или е изложен во музејот што тој го основа.
Алшарската темјанушка од скопската Ботаничка градина
Малку познат факт исто така е дека Скопје има Ботаничка градина, која се наоѓа во состав на Ботаничкиот завод на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет.
– Во 1951 година, со оградувањето на околу 14 хектари земјиште, се поставуваат границите на просторот наменет за ботаничка градина. Во оградениот простор истата година се изградува и првиот објект наменет како стакленик за одржување тропска и суптропска растителност, одгледување и репродукција на садници за саксиски растенија, потребни за поквалитетна реализација на практичната настава од повеќе ботанички дисциплини. Паралелно со работите за просторно уредување и изградба на одделни објекти, во периодот од 1970 до 1989 година се оформува семенската збирка и започнува издавањето на „Делектус семинум“, кои, преку размена на семенски и жив материјал, во голема мера придонесоа да се воспостави соработка со голем број ботанички градини во светот – открива Јанакиевска.
Во градината вирее мајчина душичка, која расте само на Козјак, алшарската темјанушка – која ја има само уште кај Алшар, Кавадарци. Бозелот што расте само во близината на Дебар, вид лале што го има само на планината Жеден. „Жител“ на ботаничката градина е и кралскиот папрат, реликт што во земјава вирее само во подножјето на Беласица.
Живиот свет на Градскиот парк
Градскиот парк познат под името „Ислахански парк“ го изградил скопскиот валија Хафиз Мехмед-паша кон крајот од 19 век. Тој ги изградил и зградите на „Идадија“, „Ислахана“, Телеграфската станица и „Вилаетскиот конак“, а ги регулирал и теченијата на реките Вардар и Серава.
„Ислахана“ било занаетчиско-уметничко училиште за сираците. Парите за школувањето ги добивало од вилаетската печатница од приходите на Катлановска Бања, но и од едно казино, подоцна ресторан ќебапчилница, „Кермез“.
– Реонот на Градскиот парк се карактеризира со посебно ретки и квалитетни насади. Вегетацискиот состав е изграден главно од видовите што му припаѓаат на јужното европско-медитеранско подрачје. Но се среќаваат и видови од речиси сите страни на светот. Животинскиот свет е составен дел од фауната на Скопската Котлина, односно животните што денес се среќаваат во паркот го населувале ова подрачје и пред неговото формирање. Така, во Градскиот парк се среќава и џиновска секвоја, за која се вели дека е најголемиот жив организам на планетата. Може да достигне 90 метри во височина и 11 метри во дијаметар. Паркот го посетуваат 90 вида птици, од кои некои се гнездат во него, а некои го користат како попатна станица при нивната миграција. Од цицачите можат да се видат верверици и ежиња. Во езерцата и каналите во паркот живеат неколку вида жаби, а може да се забележи и змијата белоушка, која се храни со нив – ни објасни Јанакиевска.