Сара Мејс и „Ај кју“ деновиве ја снимија песната „Трепет“, која пред неколку години на „Макфест“ ја изведе Тања Би, со аранжман на Дамир Имери. Идејата за соработката потекнала од Бојан, а премиерно е отсвирена од Сара и од „Ај кју“ на „Скопје анплагд 2020“.
– Бојан и Марија честопати ми зборуваа за оваа песна. Ова лето го искористивме слободното време што го имавме повеќе од вообичаеното, ја стокмивме „Трепет“ и ја отсвиривме премиерно на „Скопје анплагд 2020“. Ни се допадна изведбата и како сето тоа звучеше, па решивме да ја овековечиме со спот за да влеземе со трепет во есента. Ова е за сите оние што знаат да уживаат и се среќни со тоа што го имаат – вели Сара за настанувањето на „Трепет“.
Звуците на харфата на Сара и гитарата на Бојан даваат уникатен призвук што смирува, а нивните гласови се совршена комбинација за целосно уживање во овие есенски денови.
Музиката и текстот на песната се на Сара, со заеднички аранжман на „Ај кју“ и Сара, а снимана е во студиото „Подрумот“. Видеоспотот го направи Кристијан Шемко.