Кларинетистот Благојче Трајковски во соработка со пејачката и виолинистка Андријана Јаневска го создаде инструменталното дело „Трепет“.
Посебните емоции произлегуваат и од прекрасната придружба од камерниот оркестар составен од врвни македонски музичари и неколкутемина гости инструменталисти, меѓу кои уникатниот гитарист од Бугарија Петар Миланов, како и најдобриот перкусионист од Македонија, Ратко Даутовски. Сите тие префинети звуци маестрално ги склопи големиот диригент и композитор Димитар Христов.
– Ова претставува композиција создавана во духот на класичната музика, но со елементи од македонската староградска музичка традиција. Автор сум на музиката, а маестрално ја аранжираше големиот композитор и диригент Димитар Христов. Аудиопродукцијата е производ на Дејан Момироски, а дел од композицијата се снимаше во Софија, во студиото на Алекс Нушев.
Видеото за ова парче музика го направи екипата на продукцијата „Веста“, а спотот е снимен во прекрасното издание на Заводот и музеј во Битола. Покрај прекрасните млади музичари што се дел од Камерниот оркестар, во спотот значаен придонес даваат младите танчари Мила Димовска и Томи Марох, кои со својот прекрасен перформанс му даваат една посебна уметничка димензија на целиот музички и визуелен производ. За нашиот изглед во спотот како артисти се погрижи македонскиот моден дизајнер Папаз. Инаку, сакам да истакнам дека подготвувам албум што целосно во етер треба да излезе наесен, кој ќе биде еден исклучителен придонес во развојот на целокупната балканска музика – вели кларинетистот Благојче Трајковски.
Благојче Трајковски поседува уникатен звук на кларинетот и е единствениот интерпретатор што знае да ја интерпретира македонската музика во вистинската смисла на зборот. Еден од најактуелните инструменталисти и музички педагози на Балканот, кој неуморно го дава својот придонес во вистинскиот музички професионализам. Андријана Јаневска во македонската музика се докажа како еден многу сериозен и префинет комплетен музичар, вокален солист, солист на виолина, оркестарски интерпретатор, композитор и аранжер.