Том Хенкс се врати назад во Австралија, по шест месеци откако се зарази со ковид-19, пренесуваат американските медиуми. Славниот актер и екипата на претстојниот биографски филм за Елвис Присли, се вратија во Голд Коуст во австралијскатата држава Квинсленд, за да продолжат со снимањето.

Снимањето на филмот кој се уште е без наслов, ќе продолжи на 23 септември, се вели во изјавата на режисерот Баз Лурман. Филмот поддржан од „Ворнер Брос“ беше во напредна фаза во март, кога Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон беа позитивни на коронавирусот. Во меѓувреме Хенкс донирал плазма и крв за да помогне во развој на вакцина за ковид-19.

– Се вративме, како би сакал да каже Елвис, за да ја средиме работата! Вистинска привилегија во овој момент е што Том Хенкс беше во можност да се врати во Австралија за да му се придружи на Остин Батлер и на сите останати актери, како и на екипата, за да се продолжи со снимање на филмот за кралот на рокенролот  – стои во изјавата на Лурман.

Хенкс и другите членови на екипата кои се вратиле во Квинсленд, биле третирани според тамошниот протокол за безбедност во фимската индустрија за време на пандемија.

– Според тој план, тие треба да останат во карантин две недели, исто како и сите други, и ќе им се вршат проверки од страна на полицијата – пренесуваат медиумите.

Продукцијата на филмот изнајмила неколку ката од хотел во Голд Коуст.