Од Загреб до Токио, од Франција и Америка до Австралија, истите сцени се појавуваат насекаде, празни полици во супермаркетите каде што требаше да има тоалетна хартија, а понекогаш има и вистински битки помеѓу нервозни купувачи за белите ролни. Зошто токму тоалетна хартија?
Според психолозите, тоалетната хартија е универзален симбол, лесно препознатлив и позабележлив од конзервата грав или излупените домати.
– На социјалните мрежи се ширеа драматични слики. Пакетите се доста карактеристични, затоа ролните хартија во свеста на луѓето им се зацврстија како симбол на безбедност – вели Стивен Тејлор, автор на книгата „Психологијата на пандемијата“.
Тејлор, кој е професор по психијатрија на Универзитетот во Британска Колумбија, за „Џепен тајмс“ истакнува дека луѓето чувствуваат дека треба да направат нешто за да се заштитат себеси и своите семејства, бидејќи што друго можат да сторат освен миење на рацете и да бидат во изолација.
– Покрај тоа, еволутивно, имаме аверзија кон работите од кои се згрозуваме, што се засилува кога луѓето се чувствуваат загрозено од ширењето на заразата. И тоа е една од причините зошто тие се приврзаа за тоалетната хартија, бидејќи нејзиното значење е да го избегнат тоа гадење – објаснува професорот Тејлор.
Фарасат Бохери, специјалист за здравствена економија на британскиот универзитет „Источна Англија“, вели дека луѓето со малку инвестирани пари сакаат да чувствуваат дека имаат контрола. Значи, одиме во продавница и го купуваме она што можеме да си го дозволиме, што можеме да го задржиме долго време и сигурни сме дека ќе го искористиме. Можеби сме биле во можност да купиме поголема резерва на замрзнато месо или конзервирана храна, но постои поголема шанса дека скапо ќе платиме за нешто што најверојатно ќе го фрлиме.
Клучни за популарноста на тоалетната хартија беа социјалните мрежи. Заедно со ширењето на заразата, се проширија фотографии од празни полици каде што претходно имаше тоалетна хартија и средства за дезинфекција. Психолозите посочуваат дека ова не мора да значи дека луѓето се однесуваат нерационално.
-Ако сте информирани дека наскоро ќе ви треба некаква изолација, некои работи стануваат многу важни. И ако тогаш откриете дека другите луѓе масовно ги купуваат овие работи и дека полиците за брзо време ќе бидат празни, секако дека и вие ќе сакате да излезете и да ги купите – објаснува професорот Стивен Рајхер.
Трговците во САД и во Канада започнаа да го ограничуваат количеството на тоалетна хартија што може да се купи. Во Австралија, пак, се ангажирани чувари што стојат пред полиците со хартија, пренесува Си-ен-ен.