Професорката од универзитетот „Стерн“ во Њујорк, Ејми Веб, предвидува дека мобилните телефони може наскоро да исчезнат и наведува дека тоа не би било првпат да дојде до радикални промени кога станува збор за модерната технологија, пренесе порталот „Банкар.ме“.
Таа очекува да се појават нови уреди што ќе ја преземат функцијата на мобилните телефони.
– Во денешно време продажбата на безжичните блутут-слушалки, со кои лесно се управува преку мобилната телефонија, е во пораст. Постојат сè повеќе гаџети со кои може да се управува со говорни команди. Мислам дека наскоро веќе нема да имаме еден апарат со еден екран, како што е мобилниот телефон, туку серија апарати што се поврзуваат со мобилен телефон – вели Веб.
Веб проценува дека е можно во наредните десет години технолошките уреди да се поврзуваат со „паметните“ очила или белезиците и наведува дека летото 2020 година ќе биде „почеток на добата на паметните очила“.
Според неа, денес кај мобилните телефони нема веќе некои големи иновации, а продажбата опаѓа.
– Се сеќаваме дека пред околу 20 години имавме експанзија на дигитални фотоапарати и појавување на лаптопите. Кој тогаш би помислил дека само десет години подоцна ќе ги имаме и двата уреди во еден – мобилен телефон – рече Веб.