Петар Горко – 30 години на театарската сцена
Познатиот македонски актер Петар Горко, на 12 септември, одбележа 30 години на театарските штици, јубилеј што во ноќ на поезија, емоции и сеќавања, заедно со групата „Калабалак“, во родната Битола, им го посвети на своите обожаватели
Какво е чувството кога ќе се завртите назад, дали сте задоволен од постигнатото?
– Не можам да кажам дека не сум задоволен, секако дека можело и повеќе, а во иднина само да си посакам нови искуства преплетени со одлични улоги, онакви какви што секоја деценија од човечкиот живот носи. Триесет години е долг период, гледано наназад, имало разни случувања, добри и помалку добри, убави и неубави – живот.
Кога низ бројки би се одбележале овие три децении, како би изглeдало тоа?
– Повеќе од 2.500 изведби, над 90 улоги од кои повеќето се главни, прекрасни награди од жири, општествени, прогласување за актер на годината, многу турнеи во САД, Велика Британија, Германија, Франција, Полска… Многу доживеани емоции на сите тие сцени, грандиозни моменти, различни искуства, пријателства. Секако имало и солзи, разочарувања. Големата слика е дека најмногу ги паметам убавите нешта и како дијаманти и ги чувам во себе. Среќен сум што имав можност да бидам дел од најдобриот театар во Македонија, Битолскиот народен театар, и да добивам значајни улоги во уште позначајни, денес антологиски претстави.
За голем број глумци театарот е паралелен свет каде што сѐ е можно, но каде што за миг сѐ исчезнува. Што претставува за вас од денешен агол театарот?
– Театарот е само поинтензивен живот од секојдневниот, но, магијата е неповторлива, еднаш, таа вечер и толку, следната е истата претстава но многу нешта се поинакви, внатре во себе, од искуствата секојдневни, од поминатото преку денот, од прочитаното, гледаното, слушнатото. Ми беше магија како дете и, за жал, тогаш ја немав можноста да ѕиркам од зад завеса, зашто јас таму немав никој свој. Тоа беше и попривлечното, што има зад тие завеси, фантазијата беше бескрајна. Театарот е најголемата слобода што еден човек може да ја има во сите изразни средства на сцената, психотерапевтски да искаже сѐ од себе и да претвори во уметност, иако тоа е најболното во работата, но потоа е нирвана. Едно знам, на грам талент доаѓа килограм работа.
Зошто, сепак, велите дека сте актер, кој е повеќе сакан од публиката, отколку од жиријата?
– Повеќепати во мојава театарска историја ми се повтори моите, можеби, најголеми достигнувања да не бидат соодветно наградени од жиријата, претставата ќе ги добиеше сите награди, за претстава, режија, главна женска улога, музика, сцена, костим, јас изземен.
Тоа се повтори неколкупати, за жал. Оттаму излезе тоа за жиријата, а публиката обратно, секогаш тие претстави ги гледаше по повеќепати и до денес ме паметат по нив. Затоа за овој јубилеј ги ставам на Јутјуб сите снимени претстави, има и такви што не се снимени, но сепак публиката ќе се потсети, а новата нека гледа за што зборуваме.
Имате доблест својот став за важни прашања поврзани со својата држава јавно да го кажете, колку за вас е важна искреноста?
– Не ми е сеедно за тоа што ни се случува во овие слободни 28 години со Македонија, ни пред тоа, само распади, разделувања, нови истории, премрежиња, среќа што работам во театар инаку досега можев да полудам. Но искреноста многу често е критикувана, оспорувана, а јас пред себе и пред бога знам што сум кажал. Сепак, среќен што сум актер, па сите тие неубави нешта ги преточувам во квалитет, ем јас сум посреќен, ем сум направил добра улога.
Игравте во голем меѓународен проект што беше симнат од репертоарот, „Тито сигурни дијаграми по копнежот“, каде што го толкувате ликот на маршалот. Колку влијаеше на вас професионално ова искуство?
– Претставата беше забранета од наши колеги тогаш на власт, не од партија, со неа не се планираше, како со ниедна друга, да ја менуваме историјата, напротив да го прикажеме ликот на Тито, кој во тоа време бескрајно го сакавме, а останувавме слепи за многуте мани.
Претставата откри работи за кои не ни сонувавме, го прикажавме ликот од другата, забранетата страна. А како искуство за мене е неизмерно моќно, зашто тогаш се ослободив целосно на сцена, зашто Брезовец знае како да те расклопи и повторно да те склопи.
Сте одиграле дваесетина шекспировски ликови. Која е тајната на неговата генијалност и што ви донесеа овие улоги?
– Па гледано историографски Битолскиот театар има поставено најмногу Шекспирови дела во своето 75-годишно постоење. И да, 19 различни улоги во 17 негови дела изиграв. Среќен сум за фестивалот посветен на Шекспир, но како актер најважно ми е што Шекспир во секое време, на секое место на Земјинава топка е актуелен и современ. Убавината е во тоа што иако е стих, играта е современа, како сега да е напишано.
Многу работа, но успехот е неизбежен. Оформени карактери, полнокрвни, од најмалата до главната улога, а тоа го сакам. Трасиран е патот, а обојувањето, односно изградбата на таа улога се состои од копање во себе, изнесување на сѐ што тежи во тебе.
На што секогаш ќе се сеќавате, поврзано со професијата?
– На аплаузите во Русија со преполн просцениум цвеќиња, аплаузите на отворена сцена во „Глоуб“ во Лондон, искуствата во Ерусалим, критиките во САД, за кои не ни видовме кој пишува, Ташкент и искуствата на факултетот и јазикот на кој се разбиравме, комплиментите од големите имиња, средбите со публиката на улица, во продавница…
На обожавателите често им приредувате бели ноќи закитени со музика и убави стихови, некои се снимени и на албуми…
– Неодамнешната славеничка вечер што ѝ ја посветив на мојата публиката, ја почнав со стихови од Џемал Суреја. Пред извесно време ја снимив аудиоверзијата на песната „Умилкување“ од Петре М. Андреевски, на музика од Миодраг Нечак, од претставата „Бегалка“ од 1995 г., а Александра Атанасовска, направи спот со слики од сите мои партнерки на сцената од 1989 до денес.
Освен во театар, сте глумеле и на ТВ, на филм, сте биле водител. Колку ви овозможува тоа шаренило на можности постојано да се докажувате?
– Убави се тие работи, филмот посебно го сакам, но сѐ поретко се случува за мене. Но јас сум човек вечен оптимист, што е мое ќе дојде. Ги сакам тие искуства на водител, сцената е моја, така се чувствувам и владеам со неа, убаво ми е. Богатство е секое ново искуство.