Европските награди за најдобри фестивали и годинава ги вклучија номинациите за „Д-фестивал“ и за „Таксират“ во категориите: „Д-фестивал“ за најдобар мал фестивал и „Таксират“ за најдобар фестивал со средна големина и најдобар фестивал што се одржува во затворен простор.
– „Д-фестивал“ го стави малиот град Дојран на мапата на најатрактивни фестивалски дестинации не само во регионот туку и во Европа. Досегашните осум изданија на летниот фестивал покрај езерскиот брег со својата програма секоја година привлекуваат по повеќе од осум илјади фестивалџии за кои овие три дена се еуфорично и позитивно доживување, единствени, неповторливи, кои долго потоа се прераскажуваат – велат од „Пасворд продукција“.
На листата изведувачи што досега настапиле на трите сцени на овој летен фестивал кај нас е импресивна: Ману Чао, „Дубиоза колектив“, „Стерео МС“, „Архангел“, Кирил Џајковски, „Фолтин“… и уште повеќе од 200 ексклузивни музички генијалци.
Фестивалот „Таксират“, велат од продукцијата, годинава почнува да ја раситнува третата деценија од своето постоење. Лошата карма, т.е. алузијата во насловот на овој фестивал, се претопи во суперуспешна приказна: од дадена шанса за прв настап на голем настан за локалните почетници во светот на музиката до стотиците супер ултра мегарегионални и светски музички ѕвезди, кои настапиле досега на фестивалот.
– Дваесет и една година „Таксират“ континуирано ги промовира мултикултурата, креативноста и позитивните вредности во животот и затоа веќе е широко препознаен како македонски најпосетуван туристички културен бренд. Поради својот оригинален концепт, фестивалот со години по ред е номиниран, но и наградуван од најмеродавните европски инстанци, кои ги оценуваат стотиците фестивали што се одржуваат на Стариот континент – велат од „Пасворд“.