Фосилни структури што потсетуваат на сунѓерите, откриени во северозападна Канада, кои живееле во океаните пред 890 милиони години, се можеби најстарата форма на живот позната на Земјата, се вели во студијата објавена во списанието „Нејчр“.
Геологот Елизабет Тарнер од Одделот за седиментологија на универзитетот „Лорентијан“ во Садбери, Канада, која ги наоѓа овие фосили на античките микробни гребени зачувани во карпите на оддалечените канадски северозападни територии, го започнала своето истражување за време на нејзините постдипломски студии во 1990-тите години.
Нејзиното откритие ја доведува во прашање одамна прифатената теорија според која животните се појавиле дури по значително заситување на атмосферата и океанот со кислород и предизвикала горчлива дебата меѓу палеонтолозите.
Сунѓерите се едноставни животни со долга историја. Генетската анализа на денешните сунѓери доведува до заклучок дека тие најверојатно се појавиле пред 1,5 милијарда години, но сѐ уште никој не открил фосили од периодот познат како неопротерозоик, геолошка ера што траела пред 1.000 до 542 милиони години.
Повеќето главни групи животни, вклучувајќи членконоги, мекотели и црви, првпат се појавиле во фосили пред 541 милион години, но, според Тарнер, фосилите од сунѓер од северозападна Канада би можеле да бидат постари за 350 милиони години, значително поместувајќи го наназад „датумот на раѓање“ на животните што првпат се појавиле на Земјата.
Под микроскоп, Тарнер идентификувала цела мрежа мали разгранети тубуларни структури. Подоцна сфатила дека овие структури личат на внатрешната структура на денешните сунѓери и се совпаѓаат со очекуваното распаѓање и фосилизација на сунѓерите. Доколку се открие дека фосилите што ги пронашла се навистина сунѓери, тоа би значело дека тие живееле 90 милиони години пред кислородот на Земјата да го достигне потребното ниво за развој на животинскиот свет. Тарнер смета дека е можно најраните животински видови да толерирале мали количества кислород.
Некои научници, сепак, не се убедени дека микроскопските структури во фосилите стари 890 милиони години укажуваат на антички сунѓери.
Рејчел Вуд, геонаучник од Универзитетот во Единбург, објаснува дека микробите, а понекогаш и кристалите може да произведат необични и волшебни форми што потсетуваат на структурите формирани од живи организми.