Краток здив, забрзано дишење, чувство дека се задушувате, сето тоа личи на симптомите од актуелниот вирус, а тоа уште повеќе ги збунува луѓето. Важно е да откриеме дали постои реална изложеност на извор на зараза или тоа е само напад на паника, велат психолозите
Континуираниот глобален страв и паника, во чиј фокус е постојаната опасност од тероризам, нуклеарна војна, а сега и од пандемија – го блокираат секого од нас поединечно, но и целата цивилизација. Како да ѝ се спротивставиме на блокадата, како да ги усогласиме чувствата со разумот? Дали во сето тоа може да ни помогне развивањето на емоционалната интелигенција?
Кога пред четврт век се појави книгата „Емоционална интелигенција“, нејзиниот автор Даниел Големан не можеше ни да сонува дека неговите сознанија и заклучоци за оваа когнитивна способност, со текот на времето ќе станат задолжителен дел на психолошката теорија и практика.
За најновите изданија на книгата Големан напиша современ осврт на поимот и значењето на емоционалната интелигенција, со некои нови согледувања.
– И најинтелигентните од нас можат да потонат во плитките води на разузданите нагони. Луѓето со големо ај-кју можат да бидат изразито невешти водичи во животот – напоменува Даниел Големан во книгата.
Тој истакнува дека токму емоционалната интелигенција, како своевидна „умешност на живеењето“, овозможува да ги усогласиме разумот и чувствата, да бидеме задоволни со себе, со односите со блиските, да бидеме попродуктивни, поопуштени и да постигнуваме подобри резултати. Според Големан, емоционалната интелигенција ја сочинуваат неколку аспекти. Пред сѐ самосвеста, а потоа и способноста на управување со емоциите, самоиницијативата, препознавањето на емоциите кај другите и умешноста за одржување на меѓусебните односи.
Професорката на Филозофскиот факултет во Белград, Зорана Јолиќ Марјановиќ, за „Спутник“ напоменува дека емоционалната интелигенција се разликува од другите когнитивни способности, пред сѐ академските, по тоа што ги решава задачите засновани на препознавањето на најдлабоките чувства, потреби и желби.
– Ние резонираме за емоционално обоените информации, што е сосема поинаку од размислувањето за математички податоци или за решавање вербални задачи. Тука се донесуваат одлуки и се суди за нешто што е високоемоционално заштитено и има лично значење за нас – наведува Јолиќ Марјановиќ.
Според нејзините зборови, еден високоинтелигентен поединец знае дека во некоја ситуација не треба да реагира со фрустрација, оти не би требало да пламне заради пристојно однесување, но сепак пламнува.
– Примарната тенденција во однесувањето се манифестира без оглед на когнитивното сфаќање оти тоа е несоодветна и неадаптивна реакција на некоја ситуација. Тоа укажува на фактот дека наспроти тоа што нешто знаеме, не можеме лесно да го вградиме во своето донесување. За тоа се потребни време и активна работа – наведува професорката.
Анксиозност што блокира
Едно од насилните и најнепријатни чувства со што денес се соочуваме на глобално ниво е стравот. Сега тоа не е само страв од зараза, станува збор за сеопшта анксиозност, која ја поттикнуваат политичарите, медиумите, социјалните мрежи, па дури и лекарите. Може ли емоционалната интелигенција во овој случај да му помогне на поединецот, но и на самото општество, да се избори со тоа чувство?
– Стравот ни помага да преживееме. Кога сме загрижени за своето здравје, тоа е корисна емоција, која ни помага да се однесуваме соодветно. Анксиозноста е таа што нѐ блокира и когнитивно и емотивно. Тоа е емоција што за нас е премногу силна, има нагласени телесни симптоми и благодарение на неа во одредени ситуации се однесуваме неадекватно. Може да ја ослабне мотивацијата, а долгорочно да ни го наруши и здравјето. Битно е да препознаеме кога сме анксиозни и да ја научиме стратегијата за надминување на оваа емоција – нагласува психотерапевтката и професорка Гордана Никиќ.
Голем број од нас во текот на изминатите неколку месеци се соочија со силни налети на анксиозност, која подразбира и многу непријатни телесни симптоми.
– Тоа е забрзано дишење, биење на срцето, краток здив, потење, кочење на телото, треперење на гласот, болка и непријатност во плексусот. Обично помислуваме дека тоа е опасна состојба, оти животот ни е загрозен, а тоа, пак, кај нас предизвикува паника. Важно е да препознаеме дека тоа се симптоми на анксиозност. Доколку продолжиме да ги следиме и притоа длабоко и мирно дишеме, најдобро стомачно, со текот на времето ќе се намалат – наведува Гордана Никиќ.
Како да се преброди инфодемијата
Актуелното прашање е реагирањето на инфодемијата, односно на неможноста соодветно да се информираме, иако живееме во време на интернет и социјални мрежи. Разни портали, настојувајќи да имаат повеќе кликови, се претрупани со наслови што шират страв и паника и често ги изопачуваат содржините на текстовите. За тоа придонесуваат и анархичните коментари на читателите. И оној што сака да се информира наместо да ја задоволи својата нормална потреба, почнува да се соочува со страв што личи на параноја.
Во ситуацијата предизвикана од пандемијата, дури и оние што умеат да ги препознаат емоционалните состојби, го губат компасот по притисокот на информациите и дезинформациите. Важно е да се обидеме да се опуштиме и да размислуваме за тоа дали постои реална опасност и реална изложеност на извор на зараза, дали тоа треба да му го припишеме на вирусот, на место на емоционалната неудобност. Значи, треба да ја приспособиме својата реакција на она што реално се случува, а не на она што се пласира како нешто што има цел да предизвика претерана реакција во опкружувањето.