Откако филмот „Рома“ на Нетфликс во режија на Алфонсо Куарон минатата недела освои три Оскари, филмскиот режисер Стивен Спилберг го повтори ставот дека стриминг сервиси како „Нетфликс“ не треба да се натпреваруваат за наградите на Американската филмска академија.
Режисерот на следниот состанок на Академијата ќе предложи и промена на правилата, со цел да им се оневозможи на платформите како „Нетфликс“, „Амазон“ и „Хулу“, како продукциски куќи да се натпреваруваат за Оскарите.
Ова не е првпат Спилберг да се залага да се прави разлика меѓу филмовите од големото платно и оние „од малите екрани”.
– Штом се посветиш на телевизискиот формат, ти си ТВ филм, нагласи Спилберг во интервју за ИТВ Њуз- нагласувајќи дека „таков филм може да заслужи Еми, но не и Оскар”.
Иако доделувањето на Оскар во 2020 година е сѐ уште далеку, филмската јавност не ги крие своите очекувања од филмот „Ирец” – досега најскапиот проект на оскаровецот Мартин Скорсезе, во продукција на „Нетфликс“, а со „ѕвезден“ актерски тим.