Во изминатите неколку години „Спејс екс“ лансираше ракети без инцидент, што стана вториот најипресивен потфат на компанијата. А компанијата на Илон Маск забележа уште еден значителен успех во новата ера на вселенските летови – со успешното спуштање на капсулата во вода, со помош на четири падобрани, безбедно враќајќи ги патниците од вселената, пишува „Атлантик“.
На овој начин двајца астронаути на НАСА завчера се вратија на Земјата откако поминаа повеќе од два месеца на Меѓународната вселенска станица. Капсулата „Драгон“ се спушти во водите во Мексиканскиот Залив во близина на брегот со Флорида. Даг Харли и Боб Бенкен излегоа од капсулата изгорена од падот низ атмосферата, чекајќи бродови да ги пренесат на безбедно. Последното слично слетување на астронаутите на НАСА на вода, се случи во 1975 година, на крајот на ерата на „Аполо“.
Ова беше првиот обид на „Спејс екс“ за враќање на астронаути од Меѓународната вселенска станица. Компанијата го усоврши лансирањето на сателитите во вселената, но претходно успеа да врати капсула на Земјата само еднаш, без да има човечка посада во неа. Лансирањата привлекуваат повеќе внимание, но враќањата се поопасни, а за да ја осигури безбедноста на астронаутите, „Спејс екс“ требаше да усоврши детаљ кој ја измачуваше вселенската индустрија со децении – падобраните.
Успешното слетување на вода го означува крајот на историската мисија за која беше потребна една деценија. Претходно руската капсула „Сојуз“ користеше падобрани за слетувањата во пустина, но капсулата на „Спејс екс“ е поголема. „Спејс екс“ и „Боинг“ кои работеа на тестирањето на падобраните се соочуваа со потешкотии, како и НАСА на нејзините проекти за вселенски летала. „Спејс екс“ затоа го измени дизајнот на падобраните во изминатата година и спроведе десетици тестирања.
– Падобраните изгледаат лесни, но дефинитивно не се. Толку многу инженери се откажаа поради падобраните – кажа Маск минатата година.
„Спејс екс“ не планира можноста за транспорт во вселената да биде ексклузивна за астронаутите. Маск вети дека ракетното патување ќе стане рутина како летањето со авион.
Со првото безбедно слетување на капсулата „Драгон“ други клиенти можеби ќе посакаат да имаат прилика да летаат во вселената, а „Спејс екс“ планира развој на флота на вселенски капсули. Летањето во вселената, сепак, ќе остане далеку поризично отколку патувањето со авион, заклучува „Атлантик“.