Официјалната музичка програма на „Таксират“ ќе почне утре со концертот на д-р Неле Карајлиќ, бившојугословенската легенда од „Забрањено пушење“ и „Топ листа надреалиста“. Оваа година, д-р Неле се врати на сцената со спектакуларен концерт што го одржа пред повеќе од 40.000 посетители во Белград, а му посакуваме добредојде и во Скопје, по повеќе од 20 години од неговото последно гостување пред македонската публика. Концертот, кој ќе се одржи во МКЦ, тој го најавува како своевидно „патување низ времето“ на кое го претставува „целокупниот Неле“ и оној од „Забрањено пушење“ и оној од бендот „Но смокинг оркестра“, но и некои нови остварувања.
Легендарниот д-р Неле Карајлиќ, роден во Сараево во 1962 година како Ненад Јанковиќ, денес е мултимедијален уметник што се занимава со музика, филм, телевизија, театар и книжевност. Во раните 1980-ти години ја оформува групата „Забрањено пушење“, која многу брзо станува феномен. Во исто време работи во Радио Сараево, подоцна и на телевизија со сатирично-хумористичната емисија „Топ-листа надреалиста“, која остава длабока трага на целокупниот југословенски медиумски простор. Соработува со филмскиот режисер и поранешен басист на „Забрањено пушење“, Емир Кустурица, на саундтракот за филмот „Црна мачка, бел мачор“ од кој произлегува идејата за оформување на групата „Но смокинг оркестра“.
Групата станува светски признаена и настапува во сите поголеми градови во светот. Во престижната опера „Басиља“ во Париз, пишува либрето и игра во панк-операта „Дом за бесење“ во режија на Кустурица.
Билетите за концертот во претпродажба се достапни во продажната мрежа на Мктикетс по цена од 500 денари, а на денот на концертот, на билетарницата во МКЦ, нивната цена ќе биде 700 денари.