Во моментов сум во Австралија на голема австралиска турнеја и „Велат нѐ нема“ се пее насекаде. Емоциите и реакците на луѓето не можат да се опишат со зборови, вели Влатко Миладиновски
Песната „Велат нѐ нема“ на младиот пејач на народни песни Влатко Миладиновски, ги освои срцата на Македонците во дијаспората, кои масовно ја прифатија и ја пеат на сите големи собири и средби.
Откако победи на фестивалот „Гоце Фест 2018“, кога ја доби и наградата од Здружението на деца бегалци од Егејскиот дел на Македонија, оваа патриотска песна, чии автори се: Тоде Новачески, кој се погрижи за музиката, текстот го напиша Крсте Наумовски, а аранжманот е на Златко Миладиноски, брзо го најде патот до слушателите.
– Песната ја слушнав пет месеци пред да ја снимам. На телефон ми се јавија авторите Тоде Новачевски и Крсте Намуовски-Мечкар, и двајцата живеат во Австралија. По првите два тона се наежив и знаев дека песната е за мене и оти ќе ја снимам. За добриот звук заслужни се и музичарите: Новица Василевски на кларинет, Филип Нунески-труба, Орце Лазаров-бас, Даме Коларовски-тапани, а се снимаше во студио „Анастасија“ – ни рече Влатко Миладиновски.
Тој додаде дека, искрено, не очекувал дека со „Велат нѐ нема“ ќе постигне толку голем успех.
– Песната е напишана е за Македонците во Егејска Македонија, но се однесува на нашинците кои се расеани насекаде низ светот. Сите зборови што се кажани во неа се искрени, и јас, со сето срце и душа стојам зад нив. Пресреќен сум што песната е инспирација и поддршка за се она што на луѓето откорнати од татковината им значи Македонија. Во моментов сум во Австралија на голема австралиска турнеја и „Велат нѐ нема“ се пее насекаде. Емоциите и реакците на луѓето не можат да се опишат со зборови, тоа може само да се доживее – раскажува Влатко Миладиновски.
Тој со авторите, композиторот Тоде Новачески и текстописецот Крсте Наумовски, како што вели често контактирал пред да се сретнат неодамна во живо.
– Со Тоде и Крсте првпат во жзиво се сретнав на еден од моите концерти во Австралија, поточно во Мелбурн. Прекрасни луѓе се и чинам дека и тие се задоволни од заедничкиот успех што го постигнавме. Јас се надевам дека „Велат нѐ нема“, со текот на времето ќе си го најде своето место во македонската музичка антологија. Секако и во иднина ќе снимам патриотски песни, бидејќи Македонија е непресушен извор на инспирација – ни рече Миладиновски.
Во последно време од патриотските песни мошне слушана е и преработката на народната песна „Ја излези Ѓурѓо“, во изведба на близнаците Стефан и Мартин од „Некст тајм“, што веќе неколку пати, по покана на навивачката група „Комити“ на спортскиот клуб Вардар, тие ја пеат во живо пред големи и важни натпревари на оваа спортска екипа. Последен пат тоа се случи пред натпреварот на РК Вардар со РК Пик Сегед.
„Само во нашата мајка Македонија може да има вакви грла, публика и срца. Ние ќе го паметиме ова цел живот, чест и ежење е да се пее за Вардар!“ – напишаа момците од „Некст тајм“ на својот Фејсбук-профил.
Меѓу новите патриотски рефрени е и оној на триото „Кладенец“, насловен „Мајко земјо не плачи“, што се појави во март. Автор на музиката и на аранжманот е Јован Василевски, а текстот е на Сашо Костадиновски.
Долги години Македонците во дијаспората на сите свои веселби и важни настани ги пееја песните на Јонче Христовски „Македонско девојче“ и „Едно име имаме“, како и „Земјо македонска“ на легендарната Васка Илиева, кои имаат многу преработки.