Само неколку недели по својот најблизок прелет покрај Сонцето, сондата Паркер Солар Проуб на НАСА испрати податоци од тој настан кон Земјата, јавува Би-Би-Си.
Меѓу нив се наоѓа и оваа прекрасна фотографија на гас, поточно плазма која извира од нашата ѕвезда.
Светлата точка што се наоѓа во позадина е планетата Јупитер, а низата темни точки е резултат на корекцијата на позадината при снимањето на фотографијата.
Инструментот на сондата го снимил овој поглед кога таа на 8 ноември оваа година била на само 27, 2 милиони километри оддалеченост од површината на Сонцето.
Сондата успеала да ја сними оваа фотографија бидејќи инструментот задолжен за снимање се наоѓа под дебел топлински штит.
Weeks after #ParkerSolarProbe made the closest-ever approach to a star, the science data from the first solar encounter is just making its way into the hands of the mission's scientists. Read about what scientists hope to learn from the data: https://t.co/kec0t4mey5 pic.twitter.com/OBAAHyXTdI
— NASA Sun & Space (@NASASun) December 12, 2018
НАСА сонадата ја лансираше во август оваа година, а научниците се надеваат дека за време на седумгодишната мисија би требало да ги расветли мистериите на Сонцето, како на пример зошто неговата атмосфера, или короната, се потопли од самата површина. Сондата би требало да го проучува и магнетното поле на оваа ѕвезда, како и соларните ветрови.
Короната, од сè уште непознати причини е многу потопла од фотосферата, односно видливата површина на Сонцето.
Научниците веќе со години се обидуваат да пронајдат одговор на прашањето зошто е тоа така, односно заради што надворешниот дел на атмосферата на Сонцето, без оглед што се наоѓа многу подалеку од јадрото на Сонцето, е дури 200 пати потопол од неговата површина.
Така просечната температура на површината на нашата ѕвезда изнесува околу 5.800 Целзиусови степени, а на короната дури до три милиони Целзиусови степени.
Паркер Солар Проуб ќе се обиде барем малку да го расветли тој проблем така што ќе минува низ короната и ќе ги собира нејзините честички, при тоа вршејќи и мерење на нејзиното магнетно и електрично поле.
– За да земеме примерок од новоформираната Сончева плазма, моравме таму и да отидеме. Сега ќе можеме да ги следиме процесите и физиката зад случувањата во короната – вели Никола Фокс, астрофизичарка од НАСА.
Таа додава дека сакаат да сфатат зошто кај Сонцето се случува температурната инверзија, односно како тоа атмосферата се загрева што повеќе се оддалечуваме од нашата ѕвезда, а не се лади како што очекувале.
Сондата Паркер не е само посебна по тоа што најмногу му се приближи на Сонцето, туку таа постави и нов рекорд во брзина. Така при последниот прелет постигна брзина од 375.000 километри на час, додека досега сондите се движеа со брзина од 250.000 километри на час.
Паркер Солар при следните прелети ќе патува уште побрзо.