Посакуваме наскоро и во живо да пееме и да свириме заедно со дечињата, а со тоа да влијаеме и директно да поттикнеме желба и афинитет кон македонската народна музика, велат авторите Арифовска и Георгиевски
„Слушам кај шумат шумите“ е насловена првата фолк-сликовница издадена во нашата земја, чија онлајн промоција се случи на платформата Зум. Издавач на ова пионерско дело, наменето за едукација на најмладите, е „Фолконика“ – Скопје, центар за зачувување и развој на македонската фолк-музика, творештво, едукација и иновации за деца. Таа е дел од проектот „Музички фолк-сликовници за деца“, серија од наслови што ќе следуваат во иднина, а нејзината реализација е резултат на соработката на Душко Георгиевски и Бајса Арифовска, познати музичари и вљубеници на македонскиот фолклор.
– Првата фолк-сликовница за деца произлезе од долгогодишната работа на фолк-естрадата и народната музика, воопшто. Соочен со актуелните состојби, како естраден уметник, имав морална одговорност пред нашето национално музичко богатство да дадам уште еден придонес во неговото зачувување и негување, но во еден друг сегмент, сметајќи дека треба да се тргне и да се работи најмногу со најмалите, за да им се пренесе македонската народна песна и да им се понуди форма со која тие ќе ја запаметат, ќе сакаат да ја читаат и слушаат. На таков начин ќе придонесеме младите да го ценат и да продолжат да го негуваат нашето народно музичко богатство. Ова е првата од серијата фолк-сликовници, кои ќе следуваат со избор на нови македонски народни песни, илустрирани во сликовници – вели Душко Георгиевски, претседател на „Фолконика“.
Бајса Арифовска, музичка соработничка на проектот, се радува што е дел од оваа музичка приказна и веќе ги осмислува нејзините продолженија.
– Педагошката работа и искуство се интересен фактор и пред сѐ задача на секој педагог, уметник и директен учесник чувар, презентер и создавач на македонската фолк-библиотека да најде нови начини и решенија да допре до идните носачи на древниот, чистиот животен стил на музичкиот/фолклорниот јазик. Во музичката сликовница „Слушам кај шумат шумите“, како музички соработник бев ангажирана во изборот на песната, мелографијата и адаптацијата за детски гласовен дијапазон. Обрнав внимание таа да биде доволно слушлива, лесна и да може детското уво бргу да ја прифати и да остане забележана во меморија – вели Арифовска.
Бајса и Душко, како и другите членови на проектот, ќе настојуваат следните изданија да се прошират и практично како воннаставни, па и наставни активности преку работилници да заживеат на часовите по музичко воспитување во училиштата.
– Посакувам наскоро и во живо да пееме и да свириме заедно со дечињата, а со тоа да влијаеме и директно да поттикнеме желба и афинитет кон македонската народна музика. Вака претставени темите и ликовите од народните песни ќе придонесат и кон запознавање на детето со народната носија, убавините на Македонија, со етноелементите, фолклорните мотиви, значајните историски ликови опеани во песните, како наш историски белег. Со тоа, ќе може да се влијае на децата уште од најрана возраст убавата македонска песна кај нив да остави неизбришливи траги и да роди љубов и чувство на национална припадност – посочува Арифовска.