Случајот за Џејмс Франко и две поранешни ученички во неговото училиште за глума во Лос Анџелес за сексуално вознемирување, кој беше во судска постапка, е решен спогодбено, пренесуваат медиумите.
Според договорот, Сара Титер-Каплан и Тони Гал, кои биле ученички во неговото „Студио 4“, кое е сега затворено, ја отфрлиле тужбата.
Тие тврдеа дека холивудскиот актер „се однесувал несоодветно сексуално кон студентки“. Адвокатот на Франко претходно ги опиша тврдењата како лажни.
Не се познати деталите од спогодбеното решение донесено на 11 февруари. Договорот важи и за продукциската куќа на Франко „Рабит Бандини“ и неговите двајца деловни партнери, Винс Џоливет и Џеј Дејвис.
„Студио 4“ работеше од 2014 година до неговото затворање три години подоцна.
Во оригиналното обвинение од 2019 година, Титер-Каплан и Гал изјавија дека Франко се обидел да „создаде синџир на млади жени кои биле подложени на негова лична и професионална сексуална експлоатација во име на образованието“.
Тој бил обвинет за злоупотреба на положбата, принудувајќи студентки да учествуваат во сексуални сцени, со цел да „добијат шанса за улоги“ во неговите филмови.
Договорот ќе биде доставен до судот за прелиминарно одобрување до 15 март.