Енигматските монолити изградени пред околу 11.500 години на локалитетот Гобекли Тепе во Турција се мистерија за археолозите уште од нивното откривање во 1990-тите години. Сега тим израелски научници дојдоа до невообичаено откритие, односно „геометриска шема“, која укажува дека градежните проекти биле многу покомплексни, отколку што се сметало порано. Нивното откритие исто така укажува дека на целиот процес на градење му претходело и детално планирање со значителни ресурси.
Израелските археолози, кои ги проучувале трите најстари монолити, откриле скриена геометриска шема, поточно рамностран триаголник, која ги навела на теоријата дека е можно објектот да бил испланиран како единствена целина и дека бил изграден истовремено.
– Постојат многу шпекулации дека објектите биле градени сукцесивно и дека е можно тоа да го правеле различни групи луѓе… Сепак, нема докази дека тоа се случило во истиот временски период – вели археологот Гил Хаклеј од Универзитетот во Тел Авив.
Ова откритие, по секоја веројатност, ги потврдува претходните тврдења на археолозите дека „архитектите“ за време на неолитот или дури и доцниот палеолит, во текот на градбата умееле да ги применат „основни геометриски принципи“ и „да воспостават стандардни мерни единици“, пишува израелскиот весник „Харец“.