Музичарот и композитор Симеон Атанасов, кој исто така е и водач на „Есма бенд нова генерација“, со догогодишно музичко искуство, дискографски изданија и бројни концерти во и надвор од земјата, периодов иницираше активност за заштита на авторските права.
– Почитувани колеги – автори, време е сите ние кои што твориме авторски дела да се сплотиме и да кажеме стоп. Ова веќе ги надмина сите граници, вокални солисти си присвојуваат авторски композиции, прават таканаречени кавери, ги преснимуваат, и ги прикачуваат на социјални мрежи, при тоа не прашувајќи дали авторот го дозволува тоа. А што е најтрагично воопшто не ни пушуваат чија е таа композиција. Неколку мои песни се преснимени, или како што велат „кавери” и се прикачени на Јутјуб, без мое одобрение – се обрати Симеон Аатанасов неодамна на социјалните мрежи.
Тој ни рече дека досега не реагирал бидејќи сакал да биде до крај коректен.
– За жал на истите тие вокални солистки кога им понудив нови песни, нивниот одговор беше негативен. Значи се што е без пари е добро, а кога треба да се плати ништо не чини. Токму поради тоа решив да ја покренам оваа иницијатива, за која имам голема подршка од моите колеги-автори – вели Атанасов.
Исто така тој ги повикува заинтересираните за организирање дебатна емисија на било која телевизиска куќа, која што ќе биде заинтересирана за расветлување на овој проблем.
Според Атанасов веќе се прават преговори за организирање состанок во ЗАМП, на кој што ќе се донесе одлука што да се превземе во врска со оваа неправда кон авторите.
Еве дел од точките за кои што ќе се дискутира: стоп на сите вокални солисти кои што никогаш на ги спомнуваат авторите на своите песни; композицијата никогаш не е сопственост на вокалниот солист; вокален солист кој што мисли дека може само со преснимување; така наречени кавери да успее, без да се консултира со автор; секоја композиција заслужува респект, каква и да е, сепак поседува автор; блокирање на сите авторски дела; на сите социјални мрежи, до колку вокалниот солист не побарал дозвола од авторот и секој автор да се повика на својот ИПИ-број, бидејќи ЗАМП е должен да ги заштити. М.Т.