Омер Калеши е познат во светот по својот космополитски дух и заедно со неговиот благ но решителен карактер и чиста душа, станува единствен како човек и како уметник
Со финансиска поддршка на Министерството за култура во износ од 2 милиони денари, во центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, наскоро ќе биде отворена музеј-галерија на светски познатиот ликовен уметник по потекло од Кичевско, Омер Калеши, кој изразил желба на новоотворената музеј-галерија да ѝ подари 25 свои дела, како и други предмети со кои создавал низ времето. Со тоа оваа галерија ќе се претвори во многу важно културно место, кое ќе ги потсетува гостите што ќе го посетат Кичево на овој голем уметник, кој денес живее и работи во Париз, Франција, и во чија чест вакви галерии има отворено на Косово и во Турција, каде што живеел одреден период и каде што го завршил високото образование.
Директорот на центарот за култура во Кичево, Мазлам Османи, со одбрани зборови се наврати на ликот и делото на големиот уметник.
– Омер Калеши е познат во светот по својот космополитски дух и заедно со неговиот благ но решителен карактер и чиста душа, станува единствен како човек и како уметник.Тој е многу поафирмиран и попознат надвор од нашата земја, иако во последно време сѐ повеќе е присутен во Македонија, за која тој негува посебно чувство. Калеши е почесен член на МАНУ, има добиено медал за заслуги за Македонија од претседателот Ѓорге Иванов, а минатата година ја доби и престижната награда за хуманост „Мајка Тереза“ – додаде Османи.
Омер Калеши е роден во 1932 година, во селото Србица, Кичевско, основно и средно образование завршува во Македонија, а во 1956 година се преселува во Истанбул, Турција, каде што ја завршил Ликовната академија, за во 1965 година да се пресели во Париз, Франција, која за него станува уметничка татковина и каде што создава наредните години и децении и станува планетарно познат и признаен уметник.