Радијацијата може да биде многу опасна. Таа може да предизвика голем број на здравствени проблеми, а во доволно големи дози може да биде смртоносна.
Постојат само неколку места во светот каде што може да бидете многу озрачени, но ако се најдете таму, секако не е препорачливо да се задржувате предолго.
Рамсар, Иран
Рамсар, град во провинцијата Мазандаран во Иран, е град со највисок степен на природно јонизирачко зрачење во светот – до 260 мСв (милисиверт) годишно. Сегашната просечна еквивалентна доза за работниците во нуклеарните централи изнесува 20 мСв годишно, во просек за пет години, но максималната дозволена еквивалентна доза е 50 мСв за една година. Се чини дека ова високо ниво на радиоактивност не влијае на здравјето на локалното население, кое, по се изгледа, создавало отпорност со тек на време. Постојат тврдења дека жителите се уште поздрави, како и дека имаат подолг живот отколку просечната популација во Иран.
Овие факти доведоа до тоа некои научници да се обидат да ги променат податоците за дозволените апсорбирани дози на јонизирачко зрачење. Дури и земјоделските производи од областа Рамсар имаат зголемена доза на радиоактивност. Сепак, 1.800 жители кои живеат во најкритичните области е прилично мал примерок за да се извлечат научни заклучоци за зголемена радиоактивност. Некои ирански студии покажаа дека локалното население има многу повисок просек на ЦД69 гени, повисока зачестеност на стабилните и нестабилните хромозомски абнормалности и повисок степен на женска неплодност.
Гојанија, Бразил
Во 1987 година, двајца крадци, во потрага по метал, ограбиле напуштена болница во Гојанг, главниот град на бразилската држава Гојаз. За жал, пронашле мала капсула со високорадиоактивен хлорид што се користел како уред за радиотерапија. Со себе го зеле материјалот, што на крајот резултираше со смрт на четири лица. Децата, привлечени од синиот сјај, го допирале материјалот, па дури и го трлале на кожата. Неколку градски блокови биле толку загадени што морале да бидат уништени.
На крајот, 300 луѓе добиле радиоактивна контаминација, но „радиофобијата” го зафати целиот град. Повеќе од 100.000 луѓе чекаа во ред за да ги тестираат на труењата со радијација. Горниот слој на почвата беше отстранет од неколку локации, а на некои локации, исто така, беше откриено и зрачење со јачина од два сиверта по час. Иако животот во најголем дел се вратил во нормала, некои места останаа контаминирани.
Мајлу-Су, Киргистан
Рударскиот град, кој се наоѓа на југ од Киргистан, се уште страда од последиците од советската нуклеарна програма. Во периодот од 1946 до 1967 година, се вадела и се обработувала рудата ураниум, а областа остана контаминирана и до ден-денес. Поголемиот дел од отпадот при екстракција на ураниум е закопан долж реката што тече низ градот. Во извештајот од 2010 година се наведува дека итно чистење на градот е неопходно поради високиот процент на пациенти со рак и ослабен имунитет на локалното население.
Степенот на зрачење е над границите на безбедноста, и иако многу семејства се раселени, околу 20.000 луѓе се уште живеат во градот.
Селафилд, Велика Британија
Во западниот дел на Обединетото Кралство се наоѓа Селафилд, место за уништување на нуклеарен отпад, каде се уште има високо ниво на зрачење. Тоа е место каде се складира поголемиот дел од радиоактивниот отпад од 15 оперативни британски нуклеарни реактори, како и прекуморско нуклеарно гориво. Отпадот создава степен на радијација до 280 сиверти дневно, што е 60 отсто повеќе од смртоносна доза.
Растопеното радиоактивно гориво се складира во огромен подземен базен наречен „Head End Shear Cave“, каде што пристап имаат само роботи.
Ханфорд, САД
Американската државна служба Ханфорд во Вашингтон е место каде што беа произведени атомски бомби за време на Студената војна. Иако повеќето од овие оружја не беа никогаш искористени, самото производство направи многу штета на животната средина, и тоа го прави и денес.
Некогаш на тоа место се произведувал плутониум за проектот „Менхетен“, а денес таму има околу 65 проценти од нуклеарниот отпад на САД.
Во мај 2017 година, се урна тунел, предизвикувајќи голема загриженост и евакуација на работниците. Тунелот беше блокиран со фрлање огромни количини на земја. Траги од контаминација биле пронајдени и на 16 километри од Ханфорд.
Чернобил, Украина
Чернобил во 19 и 20 век бил важен трговски и индустриски центар на речниот пат помеѓу Балтичкото и Црното Море, во кој живееле околу 14 илјади жители. Меѓутоа, денес овој град во Украина единствено е познат по Чернобилската нуклеарна централа и нуклеарната несреќа што се случи на 26 април 1986 година, а поради која жителите на градот и околината ја напуштија целата област од безбедносни, односно здравствени причини веднаш по несреќата.
Несреќата настанала како резултат на грешка во дизајнот на самиот реактор, поточно во вертикалните прачки кои ја контролираат работата на реакторот. За несреќата придонесе и неадекватно обучениот кадар. Експлозијата која следуваше го уништи четвртиот реактор во електраната.
До денес, градот остана ненаселен и под редовен надзор на украинските државни служби за животна средина.
На неколку километри од централа во Чернобил е припјатската болница каде што тие беа одведени првите пожарникари кои работеа на местото на несреќата во 1986 година. Оваа болница уште содржи големи количини на радијација.
Припјат до неодамна претставуваше практично музеј, кој ги документирал последните години на Советскиот Сојуз. Станови, базени, болници и други институции беа целосно напуштени, а се во овие објекти беше оставено да изгние. По несреќата, на жителите им беше дозволено да земат само куфер со документи, книги и облека што не биле контаминирани. За потребите на евакуираните жители, бил изграден новиот град Славутич.
Фукушима, Јапонија
Катастрофата во Фукушима опфаќа серија нуклеарни несреќи и откажувања на уредите во нуклеарната централа Фукушима 1, во близина на градот Окума, до кои дојде како последица на катастрофалниот земјотрес во Јапонија на 11 март, 2011 година.
Нуклеарната централа опфаќа шест нуклеарни реактори BWR во сопственост на компанијата ТЕПКО. Реакторите 4, 5 и 6 беа изгаснати за време на земјотресот заради одржување и инспекција. Останатите три реактори автоматски се исклучија кога се случил земјотресот. После тоа, огромен бран цунами ги погоди овие реактори и ја поплави целата област. Како последица на тоа, дизел агрегаторите кои ја покренуваа пумпата за ладење на реакторот останаа без довод на електрична енергија. Во следните неколку дена, имаше делумно топење на јадрото во реакторите 1, 2 и 3, како и експлозијата на водород, кој ги уништи покривите на зградите каде се наоѓаа реакторите 1, 3 и 4; експлозијата го оштети контејнерот на реакторот 2, а неколку пожари го оштетија реакторот 4. Поради страв од ширење на радијација, жителите од областа на 20 километри околу нуклеарната централа беа евакуирани.
Јапонија се обидува со помош на роботи да го извлече горивото, кое минатата година беше лоцирано во два од трите растопени реактори. Откако ќе биде пронајдено целото гориво, ќе почне процесот на екстракција.
Се очекува дека процесот ќе трае четири децении, со цена од 188 милијарди долари. Фукушима уште долго време нема да биде безбедно место за живеење.