Композицијата ѝ е посветена на Америка, а јас сум нејзин комплетен автор и музички продуцент. Инспирација ми беше сето она што се случуваше во изминатиот период, како во светот така и во САД, вели македонскиот музичар

Боби Серафимовски направи песна за Америка

Познатиот македонски музичар, композитор и продуцент Боби Серафимовски, попознат како Боби Серафимо, не се откажува од својот сон неговата музика да остане забележана на многу носачи на звук, но и да ја има во филмови и во други музички проекти во светот. Негови песни веќе се дел од репертоарот на многу познати радиостаници, а исто така компонирал музика за три филма во САД и за еден во Индија. Негово најново дело е песната „New Sun Above America“, чиј комплетен автор е, која беше промовирана на 20 јануари, на денот на инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден. Добрите реакции и комплименти, особено во САД, се добар знак дека таа може да постигне голем успех.

Како се роди песната „New Sun Above America“ и дали со неа очекувате уште поголем пробив надвор од границите на Македонија?
– Песната ѝ е посветена на Америка, а јас сум нејзин комплетен автор и музички продуцент. Инспирација ми беше сето она што се случуваше во изминатиот период, како во светот така и во САД, пандемијата на коронавирусот, но и насилството во САД, па затоа и ја насловив „Ново сонце над Америка“. Реакциите се фантастични, особено во САД. Песната дава позитивна енергија, нова надеж, што во овој момент навистина им е потребно на Американците, кои како нација многу ги почитувам. Доказ за тоа се моите изданија, филмски ангажмани и соработки со луѓе од САД во сите сфери на моите бизнис, а секако и приватни релации. Искрено очекувам дека овој проект ќе ми донесе нови соработки и ангажмани на музички план.

Изборот на соработниците е од повеќе држави, како се спои оваа интернационална екипа на креативци во овој проект?
– Изборот на соработници во заеднички проекти ми е многу важен од секој аспект, како професионален така и приватен, во смисла на релаксиран и пријателски однос во текот на активностите и пред реализација на проектот. Уште еднаш се уверив дека големите имиња и уметници, кои веќе се докажани во светски рамки, се многу непосредни и конструктивни кога се работи за издржан проект. Со саксофонистката Катја Рикерман веќе имав една соработка, инструменталот „Rare moments“ што го снимивме предизвика многубројни позитивни реакции низ светот, на листата топ 50 во САД бевме на прво место две недели, а во Велика Британија на топ 20 бевме една недела на врвот. Во „New Sun Above America“ мој гостин е и реномираниот музичар од Торонто, Ајдин Чурч, кој освен како пејач, работи и како глумец и режисер. Пресреќен сум што соработував со таков талентиран вокален интерпретатор, кој песната ја донесе со наплив на емоции што допираат до слушателите уште од првиот миг на неговата изведба. Неговата убава енергија е толку силна што не може да не се почувствува. Многу ми е важна и соработката со македонската пејачка Катерина Мицанова, која е многу емотивна личност, а во нејзиниот карактеристичен „црнечки“ глас можат да се почувствуваат и госпел и џез-елементи. Таа ги отпеа придружните вокали, а во дел од песната е и главен вокал. Реакциите за нејзиното пеење се извонредни.

Странците ја нарекуваат епска вашата музика, нагласувајќи дека буди мнoгу емоции. Дали компонирањето за вас сѐ уште е креативен предизвик?
– Многу ми годи што веќе во фелата на филмските работници се препознаваат мојот музички набој и емоцијата што ги носам во моите гени, како дел од македонската традиција. Тоа не се објаснува со зборови, едноставно музиката извира од мене, а инспирацијата и емотивноста го поттикнуваат моето творештво. Создавање препознатливост и бренд од типот на познатиот Енио Мориконе е мојата крајна цел. Чувствувам голем емотивен набој и потребно е само време тој да се преточи во музика.

Од неодамна соработувате и со Харчаран Аси, менаџер од Велика Британија, по потекло од Индија. Какви се вашите заеднички планови?
– Харчаран Аси е Англичанец, по потекло од Индија, кој живее и работи веќе 50 години во Велика Британија. Го запознав со мојот музички опус во филмската музика и се надевам дека во иднина ќе соработуваме. Тој веруваше во проектот „Ново сонце над Америка“, а неговиот тим го изработи видеото за песната. Како резултат на добрата соработка тој пројави желба да ме застапува пред филмски бизнис-партнери во музичкиот свет.


Харчаран Аси: Боби наскоро ќе стане познат во Боливуд

Во краткиот разговор што го направивме со Харчаран Аси, менаџер и продуцент од Велика Британија со долгогодишно искуство, тој го изрази своето задоволство што запознал креативец како Боби Серафимо и што во иднина ќе соработуваат.
– Се запознав со Боби Серафимо преку страницата Линкед ин, кон крајот на 2020 година, и тој ми откри дека сака да ги прошири своите професионални хоризонти кон различни стилови музика, како што се филмовите што се снимаат во Боливуд. Кога разговаравме првпат онлајн, беше јасно дека сме на иста бранова должина, што нѐ охрабри да се обидеме да направиме нешто уникатно заедно. Тој е одличен и признаен музичар во Македонија, но посакувам наскоро да биде познат и во Боливуд – вели Аси.