Познатиот руски психолог Михаил Лабковски вели дека е грешка што повеќемина мислат дека за сè добро што ни се случува треба да платиме подоцна. Се плашиме да чувствуваме задоволство во животот и тоа го поврзуваме со нешто лошо
Познатиот руски психолог Михаил Лабковски открива како да се биде среќен. Тој наведува неколку совети што ќе му помогнат на секој човек да биде вистински исполнет. Според него, повеќето луѓе пораснале во семејства што практикуваат да не уживаат во животот и каде што членовите немаат навика да кажат дека се добри и дека се среќни. Неможноста на родителите да се радуваат и да се смеат им се пренесува и на децата, кои почнуваат да мислат дека така функционира овој свет. Друга грешка е да мислиме дека за сè добро што ни се случува треба да платиме подоцна. Се плашиме да чувствуваме задоволство во животот и тоа го поврзуваме со нешто лошо.
– Што сакате да постигнете кога му се жалите некому за вашите проблеми? Сакате да се жалите, а не да ги решавате проблемите. Тоа е како некој култ на жалење – наш изум. Полесно е да се страда, отколку да се живее среќно. Здравата личност или ќе ја прифати ситуацијата каква што е или ќе ја промени. Невротичната личност нема да го направи ни едното ни другото. Тоа важи и за физичката болест – додека ментално здравото лице се лекува од некоја болест, невротичното лице ќе сака да биде болно, затоа што на тој начин ќе има причина да се жали- истакнува Лабковски.
Разликата помеѓу здрава и невротична личност е во тоа што првата личност се грижи за вистински проблеми, додека втората страда од непостојни.
– Желбата да им помогнете на сите околу себе е предизвикана од страв дека тие нема да можат да ве сакаат поради она што сте, па, така, помагајќи им на другите, се обидувате да ја подигнете вашата самодоверба. Затоа, ако не побарале да им помогнете, не нудете се, туку посветете им се на оние на кои всушност им е потребна помош – вели психологот.
Според него, кога одговарате на непоставени прашања со зборови или дела, ја покажувате вашата вознемиреност.
– Со мојата девојка минував покрај една продавница, таа виде фустан и ми рече: „Колку убав фустан!“ Кога не одговорив ништо, таа ми рече: „Знаев дека не си маж!“ Јас би ѝ го купил, доколку таа би побарала, но ако во таква ситуација вие веднаш отидете на каса за да го платите фустанот, тогаш сте несигурна личност – смета тој.
Лабковски вели дека во последните 37 години се занимава со рутината (како читање и предавање) и поради тоа се чувствува прекрасно. Невротичните луѓе не можат да живеат во мир, се плашат дека нема да можат да направат нешто, да дипломираат на пет факултети, секогаш се вознемирени, се чувствуваат непријатно ако не направат ништо.
– Луѓето никогаш нема да го напуштат она што го сакаат. На пример, пушењето. Пушев 37 години, а последните десет години пушев по три кутии на ден. Еднаш престанав да пушам, кога докторот ми рече дека сум готов. И тоа траеше час и 40 минути. Конечно престанав да пушам откако си реков дека не сакам цигари, не дека сум зависен од нив. Невротичните луѓе не можат да разликуваат љубов и зависност – вели Лабковски.
Психологот смета дека истото тоа се однесува и на одгледувањето деца, не можете да ги присилите да направат нешто ако и вие не го сторите тоа. Децата не го впиваат она што им го кажувате, туку она што го правите и како се однесувате кон другите. За овој случај тој го наведува советот на стјуардесите како многу корисен: прво ставете маска за кислород на себе, а потоа на своето дете.
– Запомнете ја ситуацијата: седите во автобус, влегува стара баба. Целиот автобус ве гледа налутено и вие што е можно побрзо станувате од местото. Зошто го правите ова кога бабата не ве замолила да го направите? Причината лежи во слабата самодоверба и стравот од осуда. Експериментирајте – обидете се да останете на местото ако не сакате да станете, без разлика што велат луѓето околу вас, воопшто не реагирајте. Со текот на времето ќе видите дека нечија процена може да се игнорира – советува рускиот психолог.