Во чест на круцијалниот партизански подвиг, планинарското друштво „Х2О“ иницира планинарска тура, нагласувајќи ја битноста на 77-от роденден на „Нова Македонија“
По повод 77 години „Нова Македонија“
Дека „Нова Македонија“ е архетип на македонското новинарство ќе потсетиме и годинава. Ќе се навратиме на смелиот подвиг на партизаните кога на раце ја носеле еден тон тешката печатарска машина „бостонка“, неуморно, не броејќи километри, од Црешово по трнлив пат до Горно Врановци. Ќе ја спомнеме и супстанцијалноста на првата печатница во Горно Врановци, која денес е преобразена во музеј и е перманентно актуелна…
Во чест на круцијалниот партизански подвиг, планинарското друштво „Х2О“ иницира планинарска тура, нагласувајќи ја битноста на 77-от роденден на „Нова Македонија“.
Турата почнува денеска, во 7 часот, од музејското село Горно Врановци, прочуено по петте музеи, а крајната точка е врвот Кале.
– Турата почнува од Горно Врановци (650 м) и ќе се движиме кон запад по патека што води низ нискостеблест предел до Острика (812 м). Потоа навлегува во густа букова шума до изворот Невестинец (1.373 м), преку Милевичка Река (1.572 м) ќе излеземе на срт и Корунов Сек (1.700 м). Продолжуваме кон југ по сртот кон Кале (2.112 м), највисокиот врв на сртот Јалоарник, Кале, Иванов Врв. Расфрлани и формирани грамадни карпи ќе нѐ следат по должина на целиот срт, а врвот Кале е камена тврдина сам по себе. На крајот од турата е предвидена посета на музејот печатница во селото Горно Врановци – велат од „Х2О“.
Патеката е долга 19 километри. Акцијата е средно тешка до тешка, зависно од кондициската подготвеност за долги тури.
– Јазикот, идентитетот и историјата не се за продажба. Никогаш не ни биле и затоа не смееме да си дозволиме да ги изгубиме или заборавиме. Во тоа име ПСК „Х2О“ ја организира оваа планинарска акција. Ни претставува голема чест што претставници од редакцијата на „Нова Македонија“ ќе учествуваат на планинарската акција „Кале 2.112“, која се надеваме дека ќе прерасне во убава традиција – истакнуваат од „Х2О“.
Овој датум е од голема важност за нас како редакција, но и за историјата на нашата држава, бидејќи на страниците на „Нова Македонија“ се забележани најзначајните историски случувања, првпат е објавена македонската азбука, маркирани се македонскиот јазик, идентитет, новинарство…
– Некој да ми кажуваше дека ќе живеам во време кога сè што е македонско, народ, јазик, историја и име, ќе се негира, релативизира до мера на непостоење, обезвреднува и омаловажува, немаше да поверувам. А сега веќе не дозволувам. „Нова Македонија“ е првиот официјален документ испечатен на македонски јазик. Тоа е мојот јазик и историја, тоа е јазикот и историјата на моето семејство, другари, колеги, сограѓани и познаници. Затоа ќе направам сè што е во мојата моќ да ги негувам и зачувам. За никогаш да не заборавиме дека сме Македонци што говорат, пишуваат, љубат, се радуваат, се лутат и тагуваат на македонски јазик. За барем малку да им се оддолжиме и заблагодариме на оние што ја носеле „бостонката“ тешка еден тон на раце за денес да имаме македонски јазик, идентитет и писмо. И тоа почнувајќи од оваа година, 29.10.2021, 77-от роденден на првиот весник на македонски јазик, кој се надевам ќе продолжиме да го славиме заедно со планинарска тура во Горно Врановци во годините што следуваат. Среќен роденден „Нова Македонија“! За многу години! Да живее Македонија – ни посакува Ирена Диков од „Х2О“.