„Ацево естрадно оро“, „Везена деветка“, „Николова единасетка“, „Скорушка гајда“, „Братски мерак“, „Михаелина игра“, „Јанино оро“ и „Ратевка“ се композициите кои се наоѓаат на најновиот албум „Николова единаесетка“ со традиционална музика на професорот по музичка уметност, Александар Ицов, чиј автор е токму тој. Носачот на звук беше промовиран деновиве во Радовиш во присуство на голем број љубители на убавата народна музика од различни генерации. Гости на албумот се: Гоце Јанкулов на кларинет, Демир Кантуроски на труба, Љупчо Соколовски на клавијатури, а издавач на ова цеде е дискографската куќа „Сенатор“ од Битола.
Ицов дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје и магистририал на истиот во класата на проф. Драган Даутовски. Радовишкото поднебје отсекогаш раѓало големи таленти во скоро сите уметности. Но, се чини кога станува збор за почит кон старата македонска традиција на музицирање и негување на македонскиот изворен фолклор се ненадминати во Македонија. Несомнено, еден од најдаровитите со врвно познавање на речиси сите музички инструменти е токму Ицов. Тој буквално знае како дишат кавалот, шупелката, армониката, тапанот, гајдата, зашто, впрочем тие му се постојани придружници во секој миг и во секоја пригода. Изведбата со било кој од овие инструменти претставува вистински шмек, а акордите од маестрална изведба удираат длабоко во дамарите на нашите срца и души.
Музичката надобразба со одбраната на магистерскиот труд е несомнен доказ дека станува збор за исклучително вреден мајстор на занаетот со кој, патем се дружи уште од мали нозе. Таа негова огромна љубов кон музиката, покрај создавањето на извонредни инструментални состави, умее да им ја пренесе и на своите ученици како музички педагог.