Скопското астрономско друштво преку предавачот Радан Митровиќ во планетариумот на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе одржи две предавања за најинтересните и најважни соѕвездија и објекти, како и за календарите и нивната поврзаност со ноќното небо.
– Централна улога имаат планетариумот и неговата волшебна способност да ни го долови ноќното небо со преубав приказ на ѕвездите, да ни покаже како се менува тоа кога се наоѓаме на разни позиции на Земјината топка, но и да го забрза текот на времето, а со тоа и движењето на ѕвезденото небо над нас – порачуваат од Скопското астрономско друштво во најавата за предавањата.
Двете предавања ќе се одржат на 17 и 18 декември, со почеток во 20.30, односно 20 часот. Билетите се во ограничен број, а може да се набават во билетарницата на МКЦ за цена од 150 денари.