Научниците посочија дека превенцијата од пандемија е 500 пати поевтина од борбата против пандемија, наведуваат од Светскиот економски форум. Како клучна за спречување на идните кризи тие ја истакнуваат заштитата на тропските шуми.
Забележано е дека во просек секоја година два вируса се пренесуваат од животните на луѓето. Се смета дека уништувањето на тропските области е една од главните причини за пренесување на вирусите. Затоа научниците повикуваат на преземање мерки за намалување на уништувањето на природата и ловот на животните. Меѓу тие мерки е и намалување на сечењето на шумите за 40 отсто.
Превентивните мерки би чинеле од 22 милијарди до 31 милијарда долари, што е значително помалку од трошоците за борба против пандемија што би изнесувале 15,8 трилиони долари.
Додека бизнисот закрепнува низ целиот свет, човековите активности загрозуваат милиони животински и растителни видови. Климатските промени и уништувањето на биолошката разновидност би можеле да го преполоват глобалниот БДП.
Меѓутоа, развојот заснован на заштита на природата има потенцијал да создаде 395 милиони нови работни места и да создаде 10 трилиони долари со деловна активност до 2030 година.