Во Хрватска во 92-та година денеска почина Селма Бориќ, која беше инспирација за култниот хит „Селма“ на групата „Бијело дугме“.
Владо Дијак го напишал текстот за една од најубавите рок балади во екс Југославија за Селма Бориќ , во која бил заљубен, а тоа никогаш не ѝ го признал. Но одлучил своите чувства да ги преточи во стихови, што ги отпеа Жељко Бебек, првиот и според многумина најдобар вокал на бендот.
Селма Бориќ го запознала Владо Дијак кога имала 16 години. Во едно интервју се присетила на нивниот посебен однос, на моментот кога тргнала на факултет, а Владо останал да тагува по неа. Но Селма не знаела што тој чувствувал се додека не ја слушнала песната.
– Кога бев студентка постојано патував на релацијата Сараево-Зеница-Загреб, а одлично се сеќавам на една дата, 6 март. Тогаш на железничката станица го сретнав Владо и тој ме отпрати до возот и ми најде место во едно купе. И денес кога ќе се сетам на тоа солзи ми доаѓаат на очи – изјавила Селма во една прилика.
Жељко Бебек до пред една година секогаш наоѓал време да ја посети Селма, но поради пандемијата, како што изјавил, долго не се видел со неа.
– Утринава ме извести нејзиното семејство за заминувањето на Селма. Заспала и не се разбудила, нека почива во мир. Си замина мојата Селма. И во иднина песната ќе ѝ ја посветувам нејзе, зашто овој текст опишува еден убав дел од нејзиниот живот. Така, во иднина ќе се сеќаваме на неа – изјавил Бебек за „Дневни аваз“.
Популарниот пејач на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша: „Патувај Селма и почивај во божјиот мир“, објавувајќи заедничка фотографија со Селма Бориќ, од една од нивните заеднички средби.