Портрет насликан од Сандро Ботичели вчера беше продаден за 92 милиони долари, на аукција во „Сотбис“ во Њујорк. Ова е најскапо продадено дело на Ботичели, и кандидат за најскапо продадена слика на аукција годинава. Се претпоставува дека сликата „Млад маж кој држи диск“ е една од неговите последни, и е насликана во 1470-те или 1480-те. Таа важи за еден од најдобрите портрети на Ботичели.

– Станува збор за ремек-дело. Овој Ботичели е поспектакуларен од сѐ што сме виделе на пазарот. Оваа слика ја симболизира и претставува ренесансата во Фиренца – изјави Кристофер Апосл, потпретседател на одделот за сликарство на аукциската куќа „Сотбис“.

Сликата беше продадена за 80 милиони долари, но конечната цена ќе биде 92 милиони кога ќе се додадат трошоците. Таа над 200 години била во сопственост на аристократско семејство од Велс, а на пазарот првпат се појавила во почетокот на минатиот век.