Научниците од Универзитетот во Копенхаген заклучиле дека зачестеноста на најразурнувачките урагани се зголемила за 330 проценти во период на еден век и веруваат дека главната причина за тоа е растењето на температурите
Најразурнувачките урагани денес се трипати почести отколку пред стотина години, откриваат научниците од Универзитетот во Копенхаген, кои го заклучиле тоа користејќи нови методи на истражување.
Претходните обиди за влијанието на климатските промени врз ураганите честопати даваа спротивставени резултати. Но новата студија сугерира дека зголемувањето на штетата предизвикана од толку големи циклони е поврзана со глобалното затоплување, пренесува „Саjенс алерт“.
Ураганите и тропските циклони се сметаат за едни од најразурнувачките природни катастрофи. Штетата што зад себе ја остави ураганот Катрина во 2005 година изнесуваше 125 милијарди долари, што е приближно еден отсто од БДП на САД.
Едно од најтешките прашања со кои се соочиле научниците е како да направат споредба со ураганите од различни периоди. Дали материјалното зголемување на штетата евидентирана во минатиот век е едноставно последица на фактот дека денес во подрачјата најпогодени од урагани претежно живее богато население?
Со претходните истражувања се покажало дека настанатата материјална штета е поврзана повеќе со подобриот имотен статус на населението, отколку со значајните статистички промени од зачестеноста на ураганите. Новите откритија на научниците од Универзитетот во Копенхаген го доведуваат во прашање ваквиот став.
Наместо да водат сметка за економската штета, авторите на извештајот ги евидентирале областите што биле целосно уништени од над 240 временски непогоди во периодот од 1900 до 2018 година, засновани врз базите на податоци од осигурителните компании.
Тие како пример го зеле ураганот Ирма, кој ја погоди Флорида во 2017 година. Во радиус од околу 10 илјади квадратни метри од епицентарот на невремето живееле приближно 1,1 милион луѓе. Со оглед на тоа дека таму богатството по жител се проценува на 194 илјади американски долари, научниците заклучиле дека вкупното богатство во тој регион изнесува 215 милијарди долари.
Штетата од невремето беше проценета на 50 милијарди американски долари, што на крајот изнесуваше околу 23 отсто од вкупното богатство во регионот. Ако се одземат 23 проценти од 10.000 квадратни километри, тогаш уништената област е 2.300 квадратни километри.
Користејќи слични нумерички модели за подрачјата, богатството и популацијата на некои од регионите во текот на последните сто години, научниците успеаја да направат пореални споредби за штетата што ја предизвикале ураганите во последните неколку децении. Заклучиле дека зачестеноста на најразурнувачките урагани се зголемила за 330 проценти во период од еден век и тие веруваат дека главната причина за тоа е растењето на температурите.
– Нашите податоци покажаа дека штетата е поголема поради очигледните климатски промени, односно екстремно силните временски непогоди и урагани, се резултат на глобалното затоплување. Новиот метод за следење на зачестеноста на ураганите е навистина добар – смета авторот на студијата Аслак Гринстед од Универзитетот во Копенхаген.