Шимпанзата имаат свој јазик. Колку и да звучи неверојатно, тие имаат и чувство за хумор. Но човекот има и други сличности со шимпанзата, кои се однесуваат како луѓето политичари. Кога шимпанзата се борат за превласт, тие ја користат интелигенцијата и не се водат од инстинктите. Во однесувањето на шимпанзата многу лесно можеме да ја препознаеме политичката филозофија на Макијавели, затоа се вели дека политиката е постара од човештвото
Шимпанзата многу повеќе личат на човекот отколку на другите мајмуни, како што е макаки. Тие имаат свој јазик, кој се состои од испуштање одредени звуци, а во кафезите луѓето можат да ги научат да разбираат одредени човекови зборови, дури и да се изразуваат на тој начин.
Колку и да звучи неверојатно, шимпанзата имаат и чувство за хумор. Постојат повеќе примери кога шимпанзата ги исмејуваат луѓето. Во центарот за примати во американскиот град Атланта честопати одат посетители што сакаат да ги видат шимпанзата. Меѓу главните кавгаџии што си подигрувале со посетителите била женката по име Џорџија. Секогаш пред да пристигнат посетители, таа ја полнела устата со вода, се воздржувала од голтање и ги сочекувала посетителите. Потоа настанувала збунетост, смеење и паѓање, зошто мајмунката Џорџија неочекувано и наеднаш ги прскала посетителите со вода.
Но човекот има и други сличности со шимпанзата, кои се однесуваат како и луѓето политичари. Франс де Вал, кој се занимава со истражување на приматите, во својата книга „Политиката кај шимпанзата“ многу детално ги опишува „политичките“ борби помеѓу шимпанзата што биле одвоени од природата во една зоолошка градина во Холандија.
Споменатите мајмуни постојано правеле ѓаволштини кога една група на шимпанза се обидувала да се стекне со статусот на водач кај чопорот. Шимпанза, слично како и луѓето, за да ја постигнат својата цел, постојано организирале заговори, склучувале меѓусебни коалиции и сојузи, а по потреба ги раскинувале, вршејќи предавства едни на други. Де Вал вели дека нивното однесување многу личело на макијавелистичката девиза „целта ги оправдува средствата“.
Истражувачите исто така утврдиле дека шимпанзата личат како луѓето и по нешто друго. Имено, мајмуните што се на пониско ниво во хиерархијата имаат пониско ниво на серотонин, спротивно од нив, мајмуните што го достигнуваат статусот на алфа – највисока положба кај мажјаците имале многу поголемо ниво на серотонин, речиси идентично како и кај луѓето.
Научниците велат дека кога шимпанзата се борат за превласт, тие ја користат интелигенцијата и не се водат од инстинктите. Кога истражувачите го набљудуваат однесувањето на шимпанзата, многу лесно ја препознаваат политичката филозофија на Макијавели, затоа се вели дека политиката е постара од човештвото.
Со други зборови, постои континуитет помеѓу човекот и другите примати, кој се состои од заеднички капацитет за создавање општества базирани на социјален реципроцитет, покрај конфликтите за личен интерес, кои нашле заедничко еволутивно наследство.