Откако беше пуштена во етерот во петокот во централниот дневник на МРТ песната „Proud“ на Тамара Тодевска, со која ќе нѐ претставува во мај во Тел Авив, Израел, на изборот за песна на „Евровизија“, веќе има 366.500 посети на Јутјуб и доби многу позитивни коментари и пофалби од евровизиските обожаватели. Не изостана поддршката ниту дома, од колегите пејачи, од сите што ја следат „Евровизија“ и навиваат нашата земја по пауза од 7 години да влезе во финалето. Во коментарите можат да се прочитаат многу пофалби за самата композиција, за изведбата на Тамара, пораката што ја испраќа до сите жени да бидат горди на себе и на она што се, бидејќи како што вели, сите имаат со што да се гордеат и предиспозиции да успеат во животот.
– „Горда“ им ја посветувам на мојата ќерка и на сите што насекаде се борат за своите соништа, верувајќи во нивната величина. На 16 мај, ќе ги прекршиме правилата и барем една ноќ во годината, ќе му покажеме на светот дека „Јас сум горда!“ е секогаш посилно од „Никогаш нема да бидеш доволно добра!“ – вели Тамара.
Веќе има и препеви на песната, јавни реакции по слушањето на „Горда“ и сите со многу емоции зборуваат дека ги допрела длабоко и оти конечно имаме вистинска песна за овој натпревар. Игор Трајковски од ОГАЕ Македонија, исто така вели дека годинава направивме добар избор.
– Песната е изненадувачки добра уште од првото слушање. Спотот е исто така впечатлив, но малку ме загрижува тоа што годинава има многу балади на „Евросонг“. Според мене, најважен е самиот настап, така секогаш било и тој на крајот ќе биде решавачки колку гласови ќе добиеме – вели Трајковски.
Добри коментари за песната пристигнуваат од цела Европа, а пејачите и композиторите од соседството не ги штедеа убавите зборови за Тамара, за нејзината изведба, интересниот спот. Така, во некои српски медиуми можеше да се прочита дека македонскиот евровизиски избор е „показна вежба“ за Србија, бидејќи овој пат Македонија испраќа песна со интегритет, зад која човек лесно може да застане.
„Proud“ e авторско дело на тимот: Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска. Музичкото видео го режира Чедо Поповски.