Промената не е лесна и слободата има цена. Патот и предизвиците создаваат плускавци и отпор, тоа, пак, прави да се чувствувате живо и да го прифаќате предизвикот секој ден. Ако можам јас, можете и вие, порачува Неделковски, кој пред десет години градот го замени за природна средина
Давид Неделковски е млад сточар, кој веќе десет години успешно ја води семејната фарма „Кози, млеко, планина“ кај Раштак, блиску до Скопје. Својот успех го стекна пред сѐ преку квалитетните производи од козјо млеко, но и со необичниот начин на претставување преку социјалните мрежи, каде што не само што ги рекламира своите производи туку и едуцира, информира, забавува и ја буди и раширува вистинската љубов кон природата. Тој не се грижи само за своето стадо туку се грижи и за сета природа што го опкружува. Давид калеми, прави куќарки за птици, расадува дабови, дренови и багреми, го расчистува и ѓубрето оставено од несовесните посетители на планината. Успех на оваа фарма е што постојано се развива, ја проширува палетата на производи, а купувачите многу брзо стануваат пријатели и посетители на малото парче рај во Раштак.
Што беше пресудно да ги напуштите животот во градот, факултетот по археологија и ноќните музички настапи и да создадете козарска фарма во Раштак?
– Искрено, не се сеќавам точно, но имаше повеќе причини. На Катедрата за археологија се запишав за да видам што се случувало пред Филип Втори Македонски и што придонело за создавањето на македонската златна ера. Иако морав да ги прекинам студиите, сѐ уште ги следам најновите археолошки откритија, особено од сферата на доместификацијата на козата и развојот на сточарството. Околу музиката, се работеше за маалски дружби, најчесто по подрумите кај некој од пријателите. Тоа беше една пријатна фаза, би рекол, безгрижно време. Поради временската дистанца, понекогаш ми се чини како сето ова да ми се има случено во некој претходен живот. Враќањето во село го задржа семејството на едно место како колектив и секој вложува максимум. Секако, сето ова со фармата се случуваше постепено.
Зошто се одлучивте да одгледувате токму кози?
– Приказната за козите и „Кози, млеко, планина“ е производ на долго размислување, се со цел земјата од предците да се стави во функција. Се размислуваше за крави и овци, но козите победија поради подолгата лактација и продуктивната репродукција. Покрај ова теориско расудување, козите се покажаа како исправна одлука поради местоположбата – теренот на селото Раштак. Благодарение на интернетот, по самоиницијатива успеавме да ги препознаеме потенцијалот на козјото млеко и бенефициите од млечните производи. Има нешто магично во овие животни, големата слика за стадото всушност се темели на индивидуалноста на секое грло. Ми се чини како да се припитомени по нивна волја. Животните разбираат сѐ, само прашање е колку го познаваме нивниот јазик.
Фармата постои веќе десет години, вашето стадо расте, квалитетот се подобрува, а исто така и интересот кај купувачите. Што е она што ве мотивира да издржите толку долго и да ја гледате перспективата тука?
– Десет години, што да се каже, навистина долг пат. Надминати се голем број искушенија и предизвици, сѐ уште во главава ми ѕвони муабетот од еден голем пријател. Кога му се пожалив за тешкиот ангажман, ми одговори: „Па ти, еретику, така се гради карактер“ – типично братски, искрено и вистинито. Мислам дека планината од мене направи човек, самотијата ми ги изостри инстинктите и поттикна снаодливост. Би рекол дека се стекнав со неформално практично знаење, со носење разумни одлуки во деликатни ситуации.
Сточарството е повеќе од професија, тоа е начин на живот каде што професијата и личниот живот се неразделни и затоа е тешко да се разбере суштината од дистанца, особено од некој што немал плускавец на рака. Во целава пандемиска несреќа, среќа е што голем дел луѓе воочија дека ништо не е сигурно и поважно од здравјето. За разлика од пред десет години, перцепцијата кон оваа гранка е драстично подобрена и попочитувана.
Вашето сточарење е засновано врз принципите на создавање одржлив систем, базиран на некористење хемија, комбинирано хранење со паша и на јасли и грижа за среќни кози. Подетално, што значи сето ова?
– Нема тајна, целиот трик е во следење и подобрување на благосостојбата на добитокот и во организацијата со бесконечната работа. Сточарството меѓу другото значи и одговорност, се работи со жив добиток, комуникацијата треба да биде на највисоко ниво. Врз база на искуството, дојдовме до заклучок дека комбинираниот начин на одгледување најмногу одговара на нашиот модел и на нашите околности, секако во сојуз со планината. На почетокот се стремевме да добиеме константен вкус на производите, но не е можно. Сега козите јадат киселец, млечка, дренка и леска, за некое време ќе излезат цветовите – млекото е како да сте го заблажиле (поради поленот), а наесен пак јадат желади и печурки од шумата, затоа и производите не може да бидат еднакви и стерилни. Но на сево ова сега гледам како на огромна предност, луѓето го забележуваат тоа.
На почеток сте на новата сезона на производство. Кои се производите што годинава им ги нудите на љубителите на квалитетна и здрава храна и како може да ги набават?
-Точно е, пред две-три недели ја почнавме млечната сезона за оваа година. Сѐ уште сме во период на транзиција, јарињата растат и се одбиваат од цицање и паралелно се молзи и обработува млекото, накратко – многу работа. Ако во археологијата врз база на наоди целта е да се реставрира и реконструира минатото, во сточарството тоа е патот на млекото, од ливадата каде што козите го создаваат млекото до раскошот донесен на трпезата. На почетокот од сезонава нудиме дневни свежи млечни производи (млеко, сурутка, младо сирење и крем-сирење), но со текот на времето ќе има и други млечни изненадувања, со акцент на локалното и сезонското. Работиме само со млеко од нашето стадо и производите се во лимитирани количества. Козите се здрави и среќни, третирани од страна на ветеринар во согласност со законот, користиме стерилна амбалажа и молзењето се одвива машински заради чистотата на млекото. За сите детали можете да дојдете до нас на социјалните мрежи.
Како со неколку реченици би го урнале митот дека човек што се занимава со сточарство и земјоделство е надвор од цивилизацијата, неписмен, нечист и нема време за ништо друго, на пример за добра музика и добра книга?
– Многу едноставно, тоа не е мит, тоа е лага. Производството на храна и статичниот начин на живот се основни елементи за појавата и потребата за цивилизација. Човекот во дваесеттиот и дваесет и првиот век се отуѓи и скршна од основата, затоа враќањето назад зема сѐ поголем замав. Мора да разбереме дека никој од нас не е избран за нешто специјално и дека ние не сме исклучок, нашите колеги од светот исто како нас се трудат и се мачат. Може да се шета со козите и да се слуша Џими Хендрикс во исто време, денес имаме можност да ги избираме информациите што ни се од интерес како никогаш порано. Треба само мудро да одбереме. Тајната на успехот кај развиените земји е во производството на храна, какви села – такви држави. Се воодушевувам од прогресот во Африка изминативе години на оваа тема.
Што би им препорачале на младите луѓе што имаат желба да се занимаваат со земјоделство, да живеат на друг начин и да и се доближат до природата?
– Сметам дека светот се нормализира и се враќа на вистинскиот колосек, а периодот што го живееме сега е преодна фаза, која ќе ни помогне да се адаптираме на околностите и да ги исправиме грешките што ѝ ги нанесовме на планетава. Време е да почнеме да размислуваме критички, но и да дејствуваме. Како што би рекол Која од „Дисциплина кичме“: „На невкусот треба да му речеме НЕ, кога било и каде било“. Јас искрено немам поим како изгледам од страна, но се чувствувам сакано и почитувано. Oхрабрувачки е што сѐ почесто запознавам образовани, вредни, искрени и чесни луѓе на кои погледот им е насочен кон самоодржливост и живот во склад со природата. Промената не е лесна и слободата има цена, патот и предизвиците создаваат плускавци и отпор, тоа пак прави да се чувствувате живо и да го прифаќате предизвикот секој ден. Ако можам јас, можете и вие. Сѐ што е природно е можно.