Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, заедно со Македонската алпинистичка федерација и Спортската качувачка федерација на Македонија, го реализира проектот за развој на спортското качување и негово ставање во функција на туризмот
Спортското качување како една од формите на авантуристичкиот туризам е во огромен подем на светско ниво, па и кај нас. Балканските земји имаат огромни вложување во уредувањето на качувачките локалитети и се доста познати дестинации за спортско качување. Па, оттука, и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот реализира проекти „Развој на спортското качување и негово ставање во функција на туризмот“ и „Развој на алпинизам и негово ставање во функција на туризмот“.
– Реализација на ваков проект ќе создаде покомплетен туристички производ, ќе ја збогати туристичката понуда и ќе ја направи нашата земја поафирмирана и поатрактивна, со позначајно место на туристичката мапа во Европа и пошироко. Инаку, идејата дојде од Македонската алпинистичка федерација и Спортска качувачка федерација на Македонија, кои ни ги изнесоа информациите дека сѐ поголем број посетители и љубители на овој спорт се интересираат и ги посетуваат овие природни убавини во светот и во нашата држава – информира Сара Трајковска од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.
Проектите на кои работи агенцијата опфаќаат неколку годишни програми, чија цел е подобрување пред сѐ на инфраструктурата за спортското качување, и тоа на неколку места низ државата што се познати за качување во Демир Капија, Маврово, Кадина Река – Скопско и Матка.
– Направени се над 15 насоки на овие места и за таа намена се обезбедени комплет клинови со сидришта, со заштитни ушки, јажиња и материјали за нивно поставување. Првпат ќе се поставуваат и т.н. скали „Виа Феарата“, и тоа на потегот кај Демир Капија. Исто така се работи за подобрување пред сѐ на инфраструктурата за објектите за оваа намена, т.е. карпите што се популарни кај нас, и тоа на четири локации Матка 2, Демир Капија, Лешница и Остра Карпа, со потребните материјали за оваа намена, како што се типли, клинови со сидришта и заштитни јажиња – додава Трајковска.
Владимир Трповски, претседател на Спортската качувачка федерација на Македонија, смета дека со проектот ќе се добијат поголем број спортски качувачки насоки, значи поголем избор за качување, а со тоа и поголем квантитет на спортски качувачи. Од друга страна, ќе се привлечат и туристи.
Тој смета дека треба да се работи на поставување поголем број спортски качувачки насоки низ Република Македонија, будење на домашниот туризам во местата како Демир Капија и во другите туристички центри што се заспани во текот на годината, освен за летните месеци.
– Во моментов постојат 300 спортски качувачки насоки на целата територија на Македонија, а, како пример, едно место во Грција што е заборавено од светскиот туризам и живее само од спортско качување има 2.800 насоки. Словенија има 5.000 спортски качувачки насоки, Бугарија има 3.000 насоки итн. Значи, по примерот на алпските земји, голем број земји заборавени од морскиот и снежниот туризам се посветиле кон аутдор-туризмот и вложуваат во спортски качувачки насоки на природните карпи и во други слични активности за да привлечат туристи. Ние како спортска федерација можеме да помогнеме да се развие, но сепак тоа треба да биде национална стратегија, бидејќи Македонија нема море, но има планини, езера, карпи – категоричен е Трповски.
И според сознанијата на агенцијата, во изминатите неколку години се забележува најголем процентуален пораст, дури до 75 отсто во одредени сегменти и географски региони, а предвидувањата за наредните десетина години се дека стапката на пораст ќе се зголемува, што е условено од општите трендови во светот за зголемување на популарноста на спортовите на отворено, особено на спортовите на планина, меѓу кои е и алпинизмот.
– Со реализација на овој проект ќе се придонесе за зголемена посетеност на домашните алпинистички локалитети од страна на странски туристи и домашни посетители, а од година на година бројот ќе се зголемува и ќе се придонесе за популаризација на овој вид спорт. Активности што треба да се преземат во домашните алпинистички локалитети, за тие да станат подготвени за туристичка експлоатација, се: поставување квалитетно и според светските стандарди, ин сити-осигурување, односно поставување квалитетни клинови произведени според стандардите за безбедност и квалитет на Меѓународната алпинистичка унија; отстранување на ронливите делови од карпите, како во самите алпинистички насоки, така и надвор од нив; обележување на почетните и крајните точки на алпинистичките насоки; и маркирање на пристапните патеки и на патеките за излез од насоките – додава Трајковска.
Во иднина се планираат активности за популаризација на овие атракции, пред сѐ нивна промоција кај нас во државата, но и на меѓународен план на сите саемски манифестации, инфотури или пред заинтересираните страни, и тоа со поставување соодветна сигнализација, изработка на информативен материјал, промоција на локалитетите.
Костантин Циривири, претседател на Македонската алпинистичка федерација,
истакнува дека ова е прва поддршка што Македонската алпинистичка федерација ја добива за уредување на алпинистичките локалитети што во иднина треба да добијат статус на спортски и туристички објекти.
– Благодарение на разбирањето што го покажа раководството во АППТРМ, правиме значајно поместување. Побезбедните алпинистички локалитети претставуваат атрактивни туристички дестинации што привлекуваат туристи од регионот и од светот – додава Циривири.