Пластичните кеси се користат за производство на текстил, а помагаат и во борбата против загадувањето. Научниците измислиле „текстил“ изработен од полиетилен и се надеваат дека пронајдокот ќе помогне производството на гардероба да биде подостапно. Полиетиленот е еден од најраспространетите материјали во светот, а го има во пластичните кеси и во пакувањето на храна. Текстилот, кој го открија американски научници, може да се користи за производство на спортска облека, но и за парчиња од високата мода, а неговото производство ја загадува околината помалку од производството на природни влакна. Според пронаоѓачите, друга предност е што може да се рециклира.
– Буквално е можно да се произведе вредност од нечие ѓубре, а благодарение на рециклирањето тоа може да се повтори неколкупати – вели Светлана Борискина, раководителка на одделот за инженерство при МИТ.
Истражувачите велат дека новиот текстил е помалку штетен за околината отколку волната, памукот, свилата, најлонот и полиестерот, а друга предност е што се мие во ладна вода, што дополнително го намалува влијанието врз животната средина. Материјалот може да се искористи за производство на облека, а научниците се надеваат дека во иднина ќе може да се користи за изработка на трајни вселенски облеки, обезбедувајќи заштита од космичко зрачење.
– Останува да видиме дали употребата на овој материјал ќе оживее – вели Марк Самнер од Универзитетот во Лидс, коментирајќи ја студијата за материјалот објавена во научното списание „Нејчр сустаинабилити“.
Самнер додава дека својствата на полиетиленот, како што се мекоста и релативно ниската температура на топење, ги ограничуваат можностите за употреба, а дополнителен фактор е тоа што има мала моќ на апсорпција.
– Најголемиот предизвик со новите материјали е да се направи нешто што обезбедува удобност, како едно од основните барања на потрошувачите. Ако материјалот е крут или восочен, потрошувачите нема да се одлучат за производот, што ќе ја ограничи употребата на овој вид материјал – вели тој.