На 17-то културно меѓународно биенале „Тактонс“, најважниот настан за тон-мајсторите од регионот, кое во организација на РТ Војводина се одржа минатиот месец, македонскиот композитор, продуцент и клавијатурист Кокан Димушевски повторно е добитник на првата награда, во силна конкуренција од над 120 врвни изведувачи.
Учествуваа најзначајните РТВ-центри од Европа, најдобрите тон-мајстори со своите тонски снимки. Кокан Димушевски, за разлика од другите, го покажа своето повеќедимензионално творештво, не само како тон-мајстор туку и како автор на дело и како изведувач.
Тој оваа награда ја освојува по петти пат, односно во изминатите десет години во континуитет е добитник на прва награда или гран при на ова значајно музичко случување. „Тактонс“ се одржува од 1983 г., во Нови Сад, и на секои две години им овозможува на најуспешните тон-мајстори од Европа професионално вреднување на техничкиот квалитет на звучните записи врз основа на однапред единствено дефинираните субјективни и објективни параметри.
Како најнаградуван продуцент, Димушевски беше поканет да одржи работилница и да ги презентира своите достигнувања на полето на креативната примена на современите технологии во областа на радиото и телевизијата. Успехот на овој сестран музичар го вреднуваа и Би-би-си и Радио Франција, кои му доделија плакети за неговите заслуги на полето на радиофонското обликување.
Пред престижната награда на „Тактонс“, оваа година Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) на Кокан Димушевски му ја додели и наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“. Ова е највисокото професионално признание што СОКОМ им го доделува на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата.
М.Т.