Уметницата Сара Езикиел од Лондон слика со движења на очите и има добиено меѓународно признание за нејзината работа. Езекиел не може да ги движи рацете, а своите уметнички дела ги создава со помош на технологија што ги препознава движењата на нејзините очи. Кога ѝ била дијагностицирана болест на моторните неврони (АЛС), почнала да чувствува здравствени проблеми. Тогаш имала 34 години. Во тоа време, 2000 година, била бремена со своето второ дете. Чувствувала слабост во левата рака и зборувала нејасно. Тоа е болест што се јавува кај еден од 50.000 луѓе и во моментов нема лек.
– Животот ми беше нормален. Бев посветена мајка, готвев, чистев и одев во фитнес-центар – вели Езикиел.
Првите пет години од животот со оваа болест ги нарекува „мрачна пустина“ и „многу осамени“. Таа не може ниту да комуницира, ниту да се движи, но вели дека технологијата направила да чувствува дека вреди да живее.
Користи технологија развиена од компанијата „Тоби Дајнавокс“, која вклучува употреба на проектори, камери и алгоритми за препознавање на човечките движења. Ова ѝ помага да користи интернет, да купува преку интернет или да ги користи социјалните мрежи.
Истата болест ја имаше и светски познатиот физичар Стивен Хокинг, кој комуницираше со луѓето преку инфрацрвен сензор, кој ги препознаваше движењата на неговиот образ. На неговите очила беа поставени сензори.
Езикиел студирала уметност и го направила своето прво дело насликано со гореспоменатата технологија пред осум години.
– Нејзините дела беа изложени низ Велика Британија, а беа изложени и во Катар. Таа вели дека сликањето ги елиминира сите нејзини проблеми и се надева дека пандемијата на коронавирусот ќе заврши наскоро и дека повторно ќе може да изложува, а дотогаш ќе ги продава своите дела преку интернет. Како што вели, технологијата отворила нова перспектива за нејзиниот живот – објави „Си-ен-ен“.