Данскиот стартап „Бијонд лидер материјалс“ оценува дека ќе има раст на побарувачката за имитација од кожа направена од растителни влакна. „Бијонд лидер материјалс“ изработува вештачка кожа од пулпа од јаболка и ја разгледува можноста за користење друго овошје

Одгледувањето стока предизвикува 14,5 проценти од емитувањето гасови со ефект на стаклена градина припишани на човековите активности, ако го сметаме и користењето на фосилните горива во тој сектор. Кожите потоа одат на штавење и преработка, што понатаму ја оптоварува животната средина, особено поради отровните хемикалии и влијанието што доаѓа од превозот. „Бијонд лидер материјалс“ од Данска произведува вештачка кожа и сака да ги смени состојбите на пазарот, и тоа без суровост кон животните.

Пластика има доволно
Овој стартап нуди скај од пулпа од јаболка, нуспроизводи од кои произведувачите на сокови и така сакаат да се ослободат. Генералниот директор и коосновач, Микаел Едит, вели дека неговиот тим ја има веројатно најдобрата варијанта од сите за чиста транзиција и за заштита на природата.

Ако е и веганско, не значи дека е одржливо
– Вештачката кожа сега главно е поливинил хлорид и полиуретан. Нема смисла да се прави уште пластика на овој свет. Ако е и веганско, не значи дека е одржливо – изјавил за „Балканг грин енерџи њуз“.
Фирмата, која ја основал во 2017 година со Хана Мишо, победи годинава на натпреварувањето „Клајмет“, кое вторпат го организираше финансиската институција со седиште во Франкфурт, „Грин фор гроуд фонд“. Годинава на натпреварот се пријавиле двесте стартапи од дури шеесет земји.

По првата награда дошла првата инвестиција
Потоа „Бијонд лидер“ добил 1,1 милион евра почетен капитал. Го обезбедиле „Рокстарт“ и „Виекстфонден“, а таканаречениот бизнис-ангел Стин Улф Џенсен е предводник на инвестицијата преку „Џенсенгруп инвестмен фонд“.
– Фирмата има силен тим, силна концепција со голем пазарен потенцијал, која овозможува општествена промена – изјавил менаџерот за вложувања во „Виекстфонден“, Јаспер Харт Хансен.
Средствата се наменети за ширење на производствениот капацитет. Почетокот на пилот-фазата со прототипните машини е закажан за првото тримесечје на следната година. Погонот се наоѓа во близината на Копенхаген.

Големи соништа
Едит откри дека компанијата има „големи соништа“ и дека се стреми да стане најголема на пазарот. Додал дека е одлучна да ги освои Скандинавија и Германија. Ќе гради фабрики каде што има суровини, а според зборовите на генералниот директор, најголемиот потенцијал е во Соединетите Американски Држави и во Кина.
– „Бијонд лидер“ не прави компромиси што се однесува до квалитетот и го развива својот производ за да стане суперодржлив и флексибилен – тврди Едит и напоменува дека од пресудна важност е да се престане со убивањето животни и со користењето токсични хемикалии.
Неговиот стартап верува во побарувачка за вегански и одржливи опции во бизнис-односите меѓу компаниите – сегментот на стопанството Би-2-би (B2B), и има цел со полна пареа да настапи на пазарот во вториот квартал.

Асортиманот ги надминува конвенционалните можности
Вештачката кожа од пулпа од јаболка ја прави за еден ден. За квадратен метар од конечниот производ се потребни пет килограми суровина. Асортиманот се шири на боите и на текстурата што не се достапни кај конвенционалните варијанти. „Бијонд лидер“ и понатаму нанесува водонепропустлив слој со делумно учество на пластика, но тој веројатно брзо ќе престане да се користи.
– Натпреварот на „Грин фор гроуд фонд“ беше одлично искуство и се поврзавме со различни потенцијални партнери, кои се залагаат за исти вредности и цели како и ние. Згора на тоа, беше навистина восхитувачки да се видат сите иновативни идеи и тимови што со страст работат на подобра иднина – вели Едит.
Оваа фирма во раниот стадиум на развој исто така ја разгледува можноста за користење отпадоци од други овошја. На пазарот веќе постои скај од мицелиум на печурки и од габи. Таквиот материјал се нарекува мускин. Некои работилници користат алги, отпад од производството на кокосова вода, плута и влакна од ананас и дрво од банана. Едит наведува дека неговиот тим во рок од две години ќе може да ги задоволи стандардите за индустријата за чевли. Долгорочна цел е добивање на многу бараните сертификати за покривки за автомобилски седишта, кои мораат да издржат употреба од барем десет години.