Фестивалот „Макфест 2019“ ќе се одржи во Штип. Во деновите на одржувањето на фестивалот е предвиден директен телевизиски пренос, а на крајот на натпреварувачката вечер ќе се доделат седум парични награди
Отворен е конкурсот за испраќање песни за фестивалот на забавна музика „Макфест 2019“, кој ќе трае до 1 април. Можат да учествуваат домашни и странски автори, најмногу со две авторски дела, а еден автор на аранжман може да учествува на фестивалот најмногу со три авторски аранжмани. Материјалите на конкурсот задолжително треба да се испратат под шифра.
Организаторот нема обврска да им ги врати материјалите на авторите и изведувачите од композициите што нема да бидат прифатени на конкурсот.
Учесниците на конкурсот на кои ќе им бидат избрани композициите ќе бидат информирани за резултатите најдоцна до 10 април. Организаторот презема обврска најдоцна до наведениот датум да го истакне списокот со имињата на сите примени композиции на интернет-страницата www.makfest.mk. Организаторот го задржува правото поради несоодветни и недоволно квалитетни предлози пристигнати на конкурсот да нарача композиции од домашни или од странски автори.
Организаторот ќе склучи договор со авторите и со изведувачите чии дела ќе бидат избрани на конкурсот и ќе им исплати надомест во износ од 700 евра, односно нето 43.000 денари. Со склучување на договорот, авторите и изведувачите имаат обврска на организаторот да му ги пренесат правата за прво јавно изведување, за радиодифузно емитување, за тонско и видеоснимање, умножување и продажба на носачи на слика и звук, објавување на тонските и видеозаписите на Интернет и друго, како и право организаторот некои од овие права да ги пренесува на трети лица.
На конкурсот нема да бидат разгледувани оние композиции во кои се промовира говор на омраза, расна или верска нетолеранција, во кои се кршат човековите права или се заговара употреба на недозволени средства.
Фестивалот „Макфест 2019“ ќе се одржи вo Штип. Во деновите на одржувањето на фестивалот е предвиден директен телевизиски пренос на фестивалските вечери, а општината Штип, како организатор, и Министерството, за култура како покровител, на крајот на натпреварувачката вечер ќе доделат седум парични награди. За тројцата првонаградени се предвидени 5.000, 3.000 и 1.000 евра, во денарска противвредност, за најдобриот интерпретатор избран од стручното жири се предвидени 500 евра, а ќе биде доделена и награда „Драган Ѓаконовски Шпато“ за најдобар аранжман, со ист износ, а иста сума ќе добијат и најдобриот дебитант и најдобриот сценски настап.